
Унгарците ќе имаат можност да го изразат своето мислење дали сакаат Украина да влезе во Европската унија, рече премиерот Виктор Орбан, пишува „Политико“. Референдумот не е обврзен.
Обраќајќи им се на новинарите по итниот самит на сите 27 членки на ЕУ во Брисел – на кој Унгарија беше единствената земја членка која одби да ја поддржи заедничката изјава во корист на Украина – Орбан наведе дека неговата влада ќе спроведе анкета меѓу Унгарците за нивната поддршка на украинското пристапување во ЕУ.
„Имаме таканаречен систем на национални консултации, кои редовно ги користиме за собирање на мислењата на граѓаните, па сега повторно ќе го искористиме“, рече тој.
Владата на Орбан од 2010 година има спроведено повеќе од десетина такви национални консултации за различни теми, од миграцијата до правата на заедницата ЛГТБ+.
Ова се кампањи по пат на пошта во кои сите возрасни Унгарци добиваат писма со прашања и можат да изберат одговори од дадената листа, понекогаш едноставно „да“ или „не“.
Прашањата често се формулирани на сугестивен начин, а огромното мнозинство одговори обично се согласуваат со позициите на владата, според унгарските медиуми, додека опозицијата и граѓанското општество ги критикуваат како пропагандна алатка, според Политико.
На пример, една национална консултација за миграциската политика на ЕУ во 2023 година ги праша Унгарците дали го поддржуваат Брисел да создаде „мигрантски гета“ во Унгарија. Помалку од 20 проценти од граѓаните одговориле на анкетата – но 99 проценти од оние што учествувале рекле „не“.
Резултатите не се правно обврзувачки, но владата на Орбан ги користи за да ги зајакне своите позиции за спорните прашања, тврдејќи дека има поддршка од мнозинството гласачи.
„За прв пат во Европа, Унгарците имаат можност да одлучат дали го поддржуваат членството на Украина во ЕУ или не“, изјави портпаролот на унгарската влада Балаш Орбан во петокот рано наутро.