Русија целосно ја поддржува мировната иницијатива и размената на воени заробеници предложени од унгарскиот премиер Виктор Орбан, соопшти денеска Кремљ.
Орбан ги претстави предлозите за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„За време на вчерашниот телефонски разговор со претседателот Путин, унгарскиот премиер Виктор Орбан предложи на Бадник да се одржи голема размена на воени заробеници меѓу Русија и Украина и да се прогласи Божиќно примирје“, рече Песков.
Русија брзо го испрати својот предлог за божиќна размена на затвореници до унгарската амбасада, но Украина ги отфрли сите предлози, рече Песков.
„Претпоставуваме дека консултациите за воспоставување мир ќе продолжат. Руската страна целосно ги поддржува напорите на Орбан насочени кон изнаоѓање мирно решение и решавање на хуманитарните прашања поврзани со размената на затвореници. Русија никогаш не ги отфрлила мировните преговори и постојано изјавила дека е подготвена да да ги продолжи врз основа на Истанбулските договори од 2022 година“, рече Песков.
Шефот на канцеларијата на Орбан претходно рече дека премиерот му предложил Божиќно примирје и размена на воени заробеници на Путин во телефонски разговор во средата.
„Едниот (предлог за прекин на огнот) беше кажано дека вреди да се разгледа… а другото прашање, размената на воени заробеници, беше поддржано од (Путин)“, рече Гергеј Гујас. Според него, Унгарија сака примирјето да трае вечно, „но сега се работи за божиќните денови“.