Орбан до шефицата на дипломатијата на ЕУ: Европа не заслужи место на преговарачка маса за Украина

114
EPA-EFE/ZOLTAN MATHE

Европа не може да бара место на преговарачката маса за Украина, тоа требаше да го заработи преку дипломатија и вешто лидерство. Изјавата на шефицата на европската дипломатија Каја Калас и на голем број земји од ЕУ за потребата Украина и Европа да учествуваат во преговорите е бескорисна и покажува лошо лидерство од Брисел, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Оваа изјава е тажен доказ за лошото раководство во Брисел. Додека претседателот (САД) Доналд Трамп и претседателот (Русија) Владимир Путин преговараат за мир, претставниците на ЕУ даваат бескорисни изјави. Не можете да барате место на преговарачка маса. Мора да го заработите! Со сила, вешто лидерство и мудра дипломатија – напиша Орбан на социјалната мрежа Х, одговарајќи на соопштението на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас.

Претходно, Каја Калас даде изјава во име на службите за надворешна политика на ЕУ, Франција, Германија, Полска, Италија, Шпанија и Велика Британија за потребата од продолжување на поддршката за Киев и дека Европа и Украина „мора да бидат вклучени во сите преговори“.

ИЗДВОЕНИ