Со концертот „Quintessence by Quincy Jones!“, Националниот џез-оркестар го покрива значајниот биг-бенд опус на сестраниот музички магнат Квинси Џонс, почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959 година, ексклузивните неиздадени аранжмани, неговите аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и биг-бенд аранжманите на композициите од подоцнежниот поп-период. Џонс има продуцирано три од најуспешните албуми на Мајкл Џексон: „Off the Wall“ (1979), „Thriller“ (1982) и „Bad“ (1987). Kако солисти ќе настапат: Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ-Дексо, Сашо Гигов-Гиш и Џон Илија Апелгрен
Националниот џез-оркестар и годинава ја продолжува својата успешна приказна, ја почнува новата концертна сезона со музичкиот настан „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones!“. Концертот, кој ќе се одржи во Македонската филхармонија, на 24 јануари со почеток во 20:00 часот, како што велат од Националниот џез-оркестар, го покрива значајниот биг-бенд опус на сестраниот музички магнат Квинси Џонс, почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959 година, ексклузивните неиздадени аранжмани, неговите аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и биг-бенд аранжманите на композициите од подоцнежниот поп-период, кога доминираше Квинси како аранжер и продуцент.
Kако солисти на сцената ќе настапат: Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ-Дексо, Сашо Гигов-Гиш и Џон Илија Апелгрен, додека диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
„Националниот џез-оркестар значајно ја збогати музичката сцена во државата и со своите концерти ја доближува џез-музиката до публиката. Нашата работа, како музичари, е да свириме и да одржуваме концерти колку што е можно повеќе, да ја градиме таа џез-сцена во државата. Значи, наше е да понудиме и да се наметнеме, меѓу сите други музички правци што се нудат, публиката да има избор повеќе кога ќе избира на каков концерт ќе оди“, кажа неодамна во своето интервју за весникот ВЕЧЕР Кирил Кузманов, џез-музичар и член на Националниот џез- оркестар, кој минатата година одржа голем број концерти, гостувања и настапи со врвни џез-музичари од странство.
Квинси Џонс (1933 – 2024) е легендарна фигура во музичката индустрија, композитор, аранжер, диригент, инструменталист, водач на бендови и продуцент со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од бибоп до хип- хоп. Добитник е на безброј признанија, вклучувајќи и 80 номинации за „Греми“, рекорд на сите времиња, од кои освои 28.
„Џонс има продуцирано три од најуспешните албуми на Мајкл Џексон: ‘Off the Wall’ (1979), ‘Thriller’ (1982) и ‘Bad’ (1987). Во 1985 година, Џонс ја продуцираше и диригираше хуманитарната песна ‘We Are the World’, наменета за собирање средства за жртвите од глад во Етиопија. Има компонирано музика за бројни филмови, вклучувајќи ги ‘The Pawnbroker’ (1965), ‘In the Heat of the Night’ (1967), ‘Wiz’ (1978) и ‘The Color Purple’ (1985). Сепак, Квинси Џонс стана популарен како џез-аранжер и диригент уште претходно, давајќи значаен придонес во светот на биг-бенд џезот, особено во доцните 1950-ти и во раните 1960-ти години. ‘The Birth of a Band!’ (1959), ‘The Great Wide World of Quincy Jones’ (1959), ‘Big Band Bossa Nova’ (1962), ‘The Quintessence’ (1962) ‘Quincy Jones Plays Hip Hits’ (1963), ‘Walking in Space’ (1969), ‘Gula Matari’ (1970), ‘Smackwater Jack’ (1971) се албуми што ја истакнуваат способноста на Квинси Џонс да спојува различни музички стилови и се одраз на неговиот иновативен пристап кон биг-бенд музиката. Неговата работа во овој жанр помага да се одржи биг-бенд џезот како релевантен и возбудлив во време кога други музички стилови се здобиваат со популарност“, велат од Националниот џез-оркестар.
Квинси стана популарен како џез-аранжер, композитор и диригент уште претходно, а неговите албуми ја истакнуваат способноста да спојува различни музички стилови и се одраз на неговиот иновативен пристап кон биг-бенд музиката. Има соработувано со низа истакнати биг-бендови – неговиот сопствен биг-бенд основан во доцните 50-ти, биг-бендот на Лајонел Хемптон, Каунт Бејси, Дизи Гилеспи.
„Овој сестран музички магнат го загубивме на крајот од минатата година, но неговото наследство ќе се пренесува на новите генерации“, се вели во најавата за концертот.
За плакатот, пак, е искористена графиката „Шарен џезер” на академскиот сликар Сергеј Андреевски од циклусот „Џезери”, прва во низата дела што ќе бидат употребени за плакатите што се однесуваат на концертите на овој оркестар во текот на оваа година. Инаку, самиот уметник Сергеј Андреевски за себе вели: „Јас сум сликар што често патува и сонува низ светот, вкрстувајќи ги четките и насочувајќи ги своите потези кон сонцето. Светот е моето ателје. Мојата творечка припадност е стилот на постекспресионизмот, а тоа е бесконечна слобода на изразувањето. Звукот е мојот партнер при создавањето. Особено џезот, оти кога сликам, импровизирам, неслучајно велам дека сликам како џез-музичар.“
Како што истакнуваат од Националниот џез-оркестар, концертот „Quintessence by Quincy Jones“ е уште една џез-лектира што не смее да остане непрочитана.