Општината ја одредува висината на штетата нaстаната од природни непогоди

73

Ситуацијата по невремето, што во неделата попладне ги зафати Тетово, Скопје и околните општини, полека се нормализира. Од Центарот за управување со кризи информираат дека речиси 99% од повиците на телефонскиот број 112, во текот на последното деноноќие, биле со барање да се направи записник за претрпена материјална штета, што се трансферираат до надлежните во општините, а потоа до владина комисија за понатамошна постапка.

Висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи во согласност со Закон за заштита и спасување ја одредуваат единиците на локалната самоуправа по единствена Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи, која ја донесува Владата, на предлог на Министерството за финансии.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов објасни дека утврдувањето на висината на штетата започнува веднаш по настанување на непогодата и во рок од 360 дена од престанокот на непогодата потребно е единиците на локална самоуправа да изготват Извештај – Елаборат за утврдената штета во согласност со единствената Методологијата за процена на штети од природни непогоди и други несреќи и да го достават до Комисијата за проценка и утврдување на штета од елементарни непогоди што ја формира Владата.

– Комисијата што ја формира Владата по претходно добиените извештаи изготвува вкупен извештај за штетата и го доставува до Владата најдоцна во рок од 120 дена од доставувањето на извештајот од страна на општините со што се остварува можноста за обезбедување на парична помош од Буџетот на Републиката. Помошта може да биде во вид на непосредна парична помош или помош со намалување, односно ослободување од даночните обврски, кои се даваат без обврски за враќање – истакна Ангелов.

Тој потенцираше дека помошта која што ја добиваат единиците на локалната самоуправа и другите правни лица може да ја користат исклучиво за намената за која е дадена. 

– ЦУК преку свој претставник учествува во работата на Комисијата за проценка и утврдување на штетата од елементарни непогоди формирана од Владата. Центарот за управување со кризи во согласност со законските надлежности навремено, целосно и соодветно ги реализираше сите неопходни активности поврзани со горенаведените настани, со цел надминување и справување со опасностите на подрачјето на зафатените општини – соопшти Ангелов.

Стефковски ги повика земјоделците да поднесат барања за утврдување на штета

Општина Гази Баба започнува со постапка за утврдување на штета врз земјоделските култури како последица од невремето што во неделата го зафати пред се Скопје и Тетово. Ова следува откако градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, разговарал со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Стефковски ги повикува земјоделците од општина Гази Баба, до 1 јули (понеделник), во временски период од 8 до 16:30 часот, да поднесат барање до архивата на општината за утврдување на штета, а во втората фаза комисија ќе излезе на увид со цел изготвување на записници и потоа доставување на предметите до Комисијата за проценка и утврдување на висина на штета од елементарни непогоди при Владата на Република Македонија. На едношалтерскиот систем во општината е изготвен образец што секој земјоделец може да го потполни и да го поднесе во архивата.

(А.П.)