Општина Велес ги награди најуспешните велешани во 2024

16

Општина Велес  на свеченост, традиционално, на крајот на годината ги награди најуспешните во 2024 година.

Годинава признанија добија: Никола Цековски, хуманист на Велес со 129  крводарувања, Борче Пачуков, најуспешен пожарникар, Трајче Деловски, најуспешен полициски службеник  и Пане Костовски, најуспешен комунален работник. 

Традиционалната честитка од говорницата годинава ја упати заменик-градоначалникот на Општина Велес, Коста Нојков, кој на сите граѓани им порача да бидат истрајни во исполнување на своите животни цели, да ги надминуваат препреките и да градат мост на заемна почит и разбирање.

– На прагот сме на уште една година исполнета со работни задачи, проекти и предизвици со кои се обидовме да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните на Велес. Исполнивме речиси 100 проценти од предвидените и планираните проекти за годинава, а со исто темпо и работа и развој ќе продолжиме и наредната година. Сè е во интерес на граѓаните – Нојков.

Најдобриот хуманист за 2024, Никола Цековски, информира дека дарува крв од 1982 година кога бил војник во Сомбор. Оттогаш секоја година континуирано без прекин по четири пати дарува крв. Тој ја има ретката крвна група нулта позитив и секогаш се одѕива кога во итни случаи е потребна крв за некој пациент во животна опасност. Никола Цековски последен пат крв дарувал во октомври годинава, во Станицата за трансфузиологија, лоцирана во велешката болница.

– Им посакувам на своите сограѓани и сите хумани луѓе да бидат здрави и живи и кој може нека дарува крв и со тоа да спаси нечиј живот. Најдобро чувство е кога знаеш дека твојата крв спасила нечиј живот во опасност. Јас, се додека сум здрав и додека можам ќе дарувам крв – нагласи Цековски.

Свеченоста беше збогатена со новогодишно-божиќни песни и македонски евергрини, во изведба на детскиот градски хор „Свети Кирил и Методиј“ под диригентство на професорката Веселинка Маџарова.