Општина Охрид ќе бара средства за проектот „Свињишки Извори“

90

Општина Охрид, на владиниот повик во февруари следната година, ќе аплицира за добивање средства за проектот „Свињишки Извори“. Ова беше истакнато на последната седница на Советот на Општина Охрид. Беше потенцирано дека станува збор за проект за чија реализација е потребна поголема сума средства и дека планот етапно ќе се реализира.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, потенцира дека пред две години, по спроведените испитувања на изворите, било утврдено дека имаат доволно сила, па ако се снабдува Охрид со вода од Свињишките Извори, околу 60 % од градот би се снабдувале со вода по природен тек.

– На новиот јавен повик од Владата, наместо 40 евра по глава на жител, ќе добиеме околу 130 евра по глава на жител во Охрид. Тоа се некаде околу 7 милиони евра за следната година. Свињишките Извори се во нашиот план и се надевам дека на следниот повик ќе пристапиме кон реализација на тој проект. Но, неговата реализација нема да биде одеднаш, бидејќи е скап проект, сигурно би чинел од 6 до 8 милиони евра. Од следната година би го имале во план овој проект, кој би го решавале во неколку фази и се надевам дека првата фаза од неговата реализација би била следната година, на следниот повик во февруари – рече Китески.