Општина Охрид е добитник на престижната награда „Општината пријател на младите“. Наградата ја прими претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, кој присуствуваше на конференцијата „Општините пријател на младите – младинското учество во фокусот“, која се одржа во Скопје.
Наградата за Општина Охрид е признание за исклучителните иницијативи и политики спроведени за поддршка и зајакнување на младите во заедницата. На конференцијата, Божиноски ја истакна важната улога на младите во општеството.
– Иднината на една општина, на една држава е во младите генерации. Младите се движечката сила и иднината на татковината, тие се носители на идеите, иновациите, позитивните промени и се значаен ресурс за напредок и развој. Младинските политики играат важна улога во развојот и напредокот на локалната заедница. Младите се клучот за силен напредок и светла иднина на Македонија – истакна Божиноски, осврнувајќи се на младинските политики што ги води Општина Охрид.
Тој додаде дека Општина Охрид има успешна реализација не само на обврските, согласно со Законот за младинско учество, туку оди и едно скалило погоре, во насока на реализирање конкретни мерки и проекти за подобар статус на младите.
– Особено сме горди за отворањето на Младинскиот центар, формирањето на локалниот Совет на млади и на локалното Младинско собрание, а изготвена е и локална стратегија за младите 2021-2026 година. Отворањето на Младинскиот центар во Охрид беше сложен процес, на кој бевме особено посветени, предводени од градоначалникот Кирил Пецаков, Советот на општината, Одделението за млади и невладините организации. Горди сме што успеавме да ги реализираме сите предвидени активности – подвлече Божиноски.