Општина Неготино е против инвестиции за преработка на пластичниот отпад

15

Oпштина Неготино е против инвестиции во инсталација за термичка декомпозиција на пластика и на пластичен отпад. Ова го изјави градоначалникот Горан Стојанов откако се изјаснија екологистите дека се против ваков капацитет.

– Ставот на Општината е против вакви инвестиции – рече тој. 

Стојанов додаде дека локалната самоуправа ќе даде негативно мислење за намерата на инвеститорот.

Неготинските екологисти од регионалното еколошко здружение „Ековита“ од Неготино реагираа во врска со известувањето за намера за спроведување ваков проект на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање. Тие се децидни дека нема да дозволат изградба на инсталација за термичка декомпозиција на пластика и на пластичен отпад.

– Да, точно е, има инвеститор од Скопје, заинтересиран за поставување инсталација за термичка декомпозиција на пластика и на пластичен отпад, со капацитет од 35 тона на ден, во постоен објект лоциран на катастарска парцела во атарот на неготинското село Тремник. Замислете, според нашите информации, инвеститорот сака да премести постоен објект од Западна Македонија во Неготинско – подвлече Сашко Тодоров, претседател на Здружението. 

Тој потсети дека неготинци досега имаат водено неколку битки против заинтересираните инвеститори, потенцијални загадувачи. Притоа истакна дека екологистите се надеваат оти неготинската локална самоуправа ќе даде негативно мислење во врска со намерата на заинтересираниот инвеститор.

– Нема да дозволиме вакво нешто во регионот на грозјето и виното, со ресурси за развој на винскиот туризам. Ги потсетуваме општинските власти дека потпишаа зелен договор со нас, пред локалните избори, со што се обврзаа дека нема да прифатат потенцијални загадувачки индустрии – нагласи Тодоров.

Тој додаде дека дознале за новиот потенцијален еколошки удар токму во време кога се одржувала во Неготино работилница за еколошка правда.