Општина Кочани ќе плаќа дел од потрошената струја на семејствата во старата касарна

26

Семејствата во социјален ризик што живеат во објектот на старата касарна во Кочани, ќе имаат по 100 киловат-часови електрична енергија месечно што ќе им бидат платени од општинскиот буџет. Потрошената количина над овој износ ќе мора сами да ја плаќаат или ќе бидат исклучени од електричната мрежа.

Одлуката за покривање на дел од трошоците за струја на 18 семејства едногласно беше донесена од Советот на Општина Кочани, на последната седница, по предлог на советникот Аки Акиов. Притоа беше заклучено таа да важи до трајното решавање на проблемот со домувањето на овие граѓани, кои, главно, се со ромска етничка припадност.

– Општината формираше комисија, која направи попис на граѓаните што живеат во старата касарна, при што е утврдено дека се сместени околу 90 лица, од кои најголем број се малолетници. Со одлуката што ја донесе Советот, тие повторно ќе бидат приклучени на електричната мрежа. Одлуката за покривање на дел од трошоците за струја за нив од буџетот на Општината ќе важи сѐ до вселувањето во таканаречените типски куќички, кои треба да почнат да се градат оваа пролет – истакна Акиов.

Семејствата во старата касарна, која се наоѓа во централното подрачје на Кочани, живеат во супстандардни услови над две децении, а покрај електричната енергија, основен проблем им е и снабдувањето со вода за пиење и немањето канализациски одвод.

Пред неколку години, беа обезбедени средства од државниот буџет за изградба на објекти за нивно сместување на друга локација, но по реакција на месното население, проектот беше запрен.

ИЗДВОЕНИ