Општина Кисела Вода ќе субвенционира набавка на пелети и огревно дрво за домаќинствата

209

Општина Кисела Вода и годинава финансиски ќе им помогне на своите жители во намирувањето на сметките за загревање на домот, со тоа што ќе субвенционира набавка на пелети и на огревно дрво за домаќинствата. За таа цел, на општинската веб- страница денеска е објавен јавен повик за двата вида поддршка.

Согласно со наведените критериуми, субвенционирањето за кофинансирање за набавка на пелети за домаќинствата на територијата на Општина Кисела Вода ќе биде во износ од 50 % од вредноста, но не повеќe од 10.000 денари, со вклучен персонален данок на доход. Притоа, потребно е да се достави доказ дека е извршено купувањето на пелетите, од 1.1.2024 година до завршувањето на јавниот повик, со приложување фискална сметка или фактура и извод од деловна банка за извршената уплата во оригинална форма. Јавниот повик ќе трае до исцрпување на предвидените средства за оваа намена во буџетот на Општина Кисела Вода, а најдоцна до 31.10.2024 година.

Во однос на поддршката за набавка на огревно дрво, Општина Кисела Вода ќе субвенционира по 500 денари (со вклучен персонален данок) за секој купен кубен метар дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 10 кубни метри дрва или по 350 денари (со вклучен персонален данок) за секој купен просторен метар дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 14 просторни метри дрва за огрев за жителите на Општина Кисела Вода.

Право на учество за користење субвенции на дел од трошоците на граѓаните на територијата на Општина Кисела Вода за купување дрва за огрев ќе имаат граѓаните што купиле дрва за огрев од 1 април 2024 година, сè до денот на објавување на јавниот повик. И за оваа субвенција ќе биде потребен доказ, кој ќе биде доставен во форма на потврда, испратница или друг документ (фотокопија), кој го потврдува купувањето/добивањето на дрвата за огрев.

Веродостоен документ ќе биде оној со датум од 1 aприл 2024 година и тој ќе се поднесува заедно со потребната документација, во затворен плик, преку архивата на Општина Кисела Вода, до Комисијата за спроведување на постапката.

И за двата повика, селекцијата ќе се врши по принципот „прв дојден – прв услужен“.

(А.П.)