Општина Центар и „Нула отпад“ со екоакција за правилно селектирање на отпадот

11

Под  мотото „Пренеси ја пораката, одиме во лов на електронски отпад“, Општина Центар и „Нула отпад“ ќе ја подигаат свеста кај најмладите за правилно селектирање на е-отпадот и заштита на животната средина.

Во рамките на овој заеднички проект, во сите основни училишта во општината се поставени контејнери за ситен електронски отпад и отпадни батерии, а од 1 до 14 октомври се предвидени работилници наменети за едукација на децата за собирање и селектирање на овој вид отпад. На работилниците во ООУ „Киро Глигоров“ наменети за второоделенците денеска се приклучи и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

-Децата од мали нозе стекнуваат навики за правилно постапување со електронскиот и други видови отпад. Тие брзо учат како да собираат и селектираат и во тој поглед се посовесни и поодговорни од возрасните. Јас, како градоначалник, давам целосна поддршка на вакви акции што придонесуваат кон заштита на нашето здравје и околината – рече Герасимовски.

Паралелено со едукацијата на децата како еко амбасадори кои пораката ќе ја пренесат дома, достапна услуга за селекција и рециклирање на овој вид на отпад за граѓаните е и еко линијата 070 236 000, каде граѓаните секој ден можат да пријават и погабаритен стар електричен или електронски отпад од своите домови и компании, и истиот да биде бесплатно преземен и правилно третиран без да биде закана по здравјето на луѓето и квалитетот на животната средина воопшто.

Здружената акција на Општина Центар и Друштвото за управување со отпад „Нула Отпад” се спроведува во пресрет на 14 Октомври – Меѓународниот ден на електронскиот отпад.