Општина Центар и ЈП ПОЦ започнаа акција за отстранување на хаварисаните возила

20

– Започнавме акција со која ги известуваме граѓаните дека во следните неколку дена можат да се јават на телефонскиот број оставен на нивното хаварисано возило, со цел бесплатно да им биде однесено во отпад и воедно да им биде проценето согласно со откупната цена за старо железо – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски

 

Општина Центар и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, со помош на Министерството за внатрешни работи, започнаа акција за дислоцирање на хаварисаните, односно неисправни или нерегистрирани моторни возила од јавните површини на целата територија на Општината.

Како што соопштија од Општината, инспекциските служби во изминатиот период почнале со ставање известување, односно опомени до имателите на моторни возила да се јават на телефонскиот број  076 350 767 со цел ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ бесплатно да го крене возилото и го однесе на отпад.

– Започнавме акција со која ги известуваме граѓаните дека во следните неколку дена можат да се јават на телефонскиот број оставен на нивното хаварисано возило, со цел бесплатно да им биде однесено на отпад и воедно да им биде проценето согласно со откупната цена за старо железо. Нашата цел е да ги дислоцираме хаварисаните возила што го узурпираат јавниот простор со години, го попречуваат движењето на пешаците или зафаќаат простор на паркинзите. Верувам дека оваа акција ќе вроди со плод и ќе ја промени грдата слика во маалата – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Од Општина Центар информираат дека согласно со опомената, се известуваат сопствениците на хаварисани возила дека доколку до 26 септември годинава не бидат отстранети хаварисаните возила, ќе биде поднесена пријава против нив за сторен прекршок, согласно со член 63, став 1 и став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, за што е предвидена парична казна од 45 евра или согласно со член 14а, став 2, алинеја 7 од Законот за јавна чистота, за што е предвидена парична казна од 150 евра.

Претходно беше спроведена ваква акција и на територијата на Општина Аеродром. Во текот на акцијата беа оставани опомени за отстранување на хаварисаните возила. Граѓаните сопственици на овие автомобили имаа рок од седум дена да ги тргнат возилата од јавните површини. Во спротивно, нивните автомобили ќе бидат отстранети.

(А.П.)