Советот на Општина Бутел денеска го усвои буџетот за 2025 година кој ќе изнесува 828 милиони денари.
Од Општина Бутел велат дека се работи за развоен буџет и буџет кој е наменет исклучиво во служба на граѓаните.
-Буџетот за 2025 година значи реализирање на барањата на граѓаните. За жал советниците од ДУИ не го поддржаа буџетот, не го поддржаа проектот за вода во Љубанци и Љуботен, не поддржаа асфалтирање на нови улици во Љуботен, Визбегово, Скопје Север, Бутел, не поддржаа нови проекти и не го поддржаа развојот на општина Бутел. Советниците на ДУИ 20 години не покажуваат никаков интерес за граѓаните на општина Бутел – соопштија од локалната самоуправа.
Во буџетот за 2025 година се предвидени 178 милиони денари за капитални проекти. Со овој буџет се издвоени финансиски средства за реализација на парк во населбата Радишани, пешачка патека покрај река Серава, детска градинка во Бутел 2,уредување на речното корито на река Серава, реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел, реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици, изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација, изградба на нови спортско-рекреативни центри, нови детски игралишта, нови спортски игралишта,нови пешачки и пристапни патеки, поддршка на спортски клубови, спортски стипендии, субвенционирање за кровови и фасади, парична помош за пензионерите, зголемен број на финансиски средства за помош на социјално-загрозени семејства и средства за културни и спортски настани.
Во овој буџет не се предвиени средства за репрезентација, патни трошоци, како и непродуктивни трошоци.