Благодарение на усвоената Програма за развојни планови за периодот 2025-2027 година, од страна на Советот, Општина Битола ќе има можност да обезбеди над 600 милиони денари од државните фондови, дополнително на веќе одобрените 230 милиони денари.
Според градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, оваа програма ќе овозможи континуирана реализација на постојните инфраструктурни проекти, како и подготовка за нови иницијативи со кои ќе аплицира Општината за значителна државна поддршка во наредниот период.
Тој нагласи дека Општината има изготвено обемна проектна документација за водоводни и за канализациски системи, патна инфраструктура, паркинг-простори и проекти за развој на руралните области.
– Имаме обврска да ги искористиме сите достапни државни фондови за доброто на граѓаните, а изборната година не смее да стане пречка за овие цели – порача Коњановски, истакнувајќи дека иднината на Битола треба да биде заеднички приоритет, без оглед на политичките разлики.
Инаку, Програмата за развојни планови е суштински дел од предлог-буџетот за 2025 година, кој ќе биде разгледан на почетокот од декември.