Општина Аеродром пулсираше во знакот на урбаната мобилност, возењето велосипеди, детскиот џагор и игри

13

Општина Аеродром денеска пулсираше во знакот на урбаната мобилност, возењето велосипеди, детскиот џагор, детските игри, а сето тоа испреплетено со мудроста и искуството на возрасните во рамките на завршниот настан од одбележувањето на Европската недела на мобилност.

Утринава во 07:00 часот в. д. градоначалникот Дејан Митески со голем број љубители на велосипедизмот учествуваа во велобусот, што се возеше преку одредена рута до ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ како крајна дестинација.

Оттаму, сите заедно испратија порака дека треба да се искористи секоја можност за возење велосипед, почесто да се пешачи или да се користи јавниот превоз, а сè со цел да придонесеме кон чиста и здрава животна средина, но и заради бенефиции за нашето здравје.

Потоа, настанот продолжи на улицата пред ООУ „Љубен Лапе“, каде што во рамките на настанот „Маалско дружење“ децата спортуваа, се дружеа со пензионерите и од нив учеа друштвени игри.

Дечињата научија што значи урбана мобилност, како функционираат велосипедите и како можат да извршат нивна попоравка, а во соработка со МВР и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот учеа како правилно да ги управуваат велосипедите.

Европската недела на мобилност траеше во текот на целата оваа недела во организација на Општина Аеродром и „Гоу Грин“, а кон одбележувањето се приклучија сите детски градинки и основни училишта кои со свои активности придонесоа да се подигне свесноста за мобилноста и за нејзиното повеќекратно значење во секојдневното функционирање.