Општина Аеродром им доделува мали грантови на граѓанските организации

15

Општина Аеродром ќе им доделува мали грантови на граѓанските организации за управување со отпадот. За таа цел е објавен повик на тема „Зајакнување на заедниците за одржливо управување со отпадот од пакување“.

Од Општина Аеродром информираат дека целта на повикот е да се променат навиките на локалното население за селектирање на отпадот од пакувањата во своите домаќинства и да се научат на правилна селекција на отпадот, пред сè на пластиката и на лименките.

Вкупниот износ на финансиските средства за грантот е 25 000 евра, обезбедени преку проектот „Clean AirDrom – нула цврст отпад во Општина Аеродром“, финансиран од Европската Унија. Минималната вкупна сума што може да ја добие една граѓанска организација е 2 500 евра, додека максималниот износ за грант изнесува 5 000 евра во денарска противвредност.

Јавниот повик е отворен за граѓанските организации што се формално регистрирани на територијата на Град Скопје најмалку две години пред објавата на овој повик. Предност ќе имаат оние организации што имаат заложби во своите мисија и статут за зајакнување на заедниците за одржливо управување со отпадот и ги имаат младите во својот фокус.

Проектите можат да бидат со времетраење од три месеци, односно да се спроведат во периодот од ноември 2024 до јануари 2025 година.

Предлог-проектите мора да се спроведуваат исклучиво на територијата на Општина Аеродром.