Нашиот пат да биде само евроатлантскиот, сè друго е замајување на народот, време е Македонија повторно да биде горда, Уставот е зрел за промени, улогата на претседателот треба да биде обединувачка за сите граѓани… се дел од ветувањата кои се слушаат веќе една недела на изборните митинзите кои секојдневно ги одржуваат претседателските  кандидати. Но, додека кампањата се загрева со бројни активности на претендентите за вила „Водно“, кои се обидуваат да посетат што повеќе места низ државата, сепак како што поминуваат деновите, впечатокот на јавноста е дека не може да се слушнат нови пораки вредни за паметење, како и дека кампањата протекува во веќе видениот митингувачки декор и атмосферата на вербални судири на противничките кандидати, како претставници на различни политички опции.

Кандидатот на СДСМ и Коалицијата и актуелен шеф на државата Стево Пендаровски, кој особено нагласува дека ќе се бори за европската иднина и за соживот пред граѓаните на Кавадарци во средата изјави дека претседателскиот кабинет не смее да биде изолиран само за елита. Тој се осврна и на шпекулации од опозицијата по социјалните мрежи, дека ќе го бојкотира вториот круг, и рече дека ваквите шпекулации биле откако Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ виделе колку граѓаните се присутни на настаните што ги организира СДСМ, во рамките на кампањата.

Обвинувањата на сметка на Пендаровски за бојкот на вториот круг од изборите е една од аферите во изборниот период поврзани со владејачката партија и нејзиниот кандидат што ја отвори опозицијата. Од друга страна, Пендаровски тврди дека Македонија може да продолжи кон Европската Унија само со актуелната политичка структура, и дека во рамки на кампањата некои кандидати, за жал, нудат целосно неизвесна иднина од оваа што ја има сега државата.

Коментирајќи ја оваа реторика, кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана СилјановскаДавкова на митинг во Струмица порача дека не се анти ЕУ и дека се за европски стандарди во земјава.

И останатите кандидати секојдневно на митинзи испраќаат пораки. Кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој кампањата ја води под мотото „Максимум за Македонија“, во средата пред граѓаните кажа дека ќе водат позитивна кампања и ќе работат на обединување на македонскиот народ и порача дека граѓаните на Македонија заслужуваат поубаво утре. Кандидатката за претседател на Левица, Биљана Ванковска, на средби со граѓани во скопската населба Карпош, се заложи за носење нов Устав заснован на принципите на социјална класна правда и еднакви можности. Претседателските кандидати од Коалиција „Вреди“ и Демократската унија за интеграција, пак деновиве паузираа со кампањата по повод големиот празник на верниците од муслиманска вероисповед.

Но, ако се суди по првата недела од кампањата за претседателските избори, политичкиот аналитичар Петар Арсовски, вели дека иако има бројни активности сепак наративите се релативно празни, изветвени и се чист популизам. Смета дека не само што недостигаат позитивни пораки туку дека изостанува и конкретна понуда, и наместо тоа се даваат општи ветувања за подобар живот и благосостојба за сите граѓани во сите сфери од животот.

Од друга страна, според Арсовски, со пропаѓањето на намерата за предизборните меѓуетнички коалиции, кампањите повторно се фокусирани само на етничките гета, без никаква амбиција за некаква наднационална стратегија или заедничка визија за иднината. Според него така, повторно ќе завршиме со избори на Албанци против Македонци, со конфликтни наративи, кои потоа ќе се пеглаат во постизборните преговори.

– Ќе имаме една од најнегативните кампањи досега. Гласачите уште повеќе ќе се разочараат од политиката воопшто, па сегашниот цинизам, апатија, и длабоко вкоренета недоверба кон политичките елити ќе продолжи, па дури и ќе се засилува. Ќе се фокусираме на трката, а не на содржината на понудите, вели Арсовски.

Алберт Муслиу, пак, вели дека лошите зборови и зголемените тензии не се прифаќаат добро меѓу граѓаните.

– Кога користите навредлив наратив, ова може да предизвика смеа во вашата база, кај вашите гласачи, кои и онака ги имате, но кај неопределениот граѓанин, кај граѓанинот кој има претпоставки, овој наратив може да предизвика повлекување и негласање.

Дел од аналитичарите упатија забелешки и дека кампањата е здодевна и дека не може ништо да запамти бидејќи сè се сведува на тоа колку едните се добри и чесни и колку многу си ја сакаат татковината, а дека другите се лоши и нечесни и дека го згазиле достоинството со предавствата на националните и државни интереси, на идентитетот, на јазикот, на историското минато.

Токму оваа изборна реторика на седумтемина кандидати на претседателските избори, според дел од експертите е само увертира во кампањата за парламентарните избори, со оглед дека на 18 април почнува и кампањата за парламентарните избори.

Целите кои пред овие избори ги поставија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се амбициозни. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бара поддршка за 61 пратеник за да не трпат закани од политичките субјекти во постизборните коалицирања. СДСМ и нивниот кандидат Пендароски, пак, порачуваат дека овие избори имаат историско значење, особено во делот за евроинтеграциите.

На овие цели се очекува да бидат подредени парламентарната кампања, која според очекувањата на експертите, ќе биде агресивна.

М.С.