Продолжува акцијата за чистење на територијата на Општина Центар. Градоначалникот Горан Герасимовски информираше дека е собран сметот од улиците „Франклин Рузвелт“, „Павел Шатев“ („Бихаќска“) и зад Соборниот храм, кои се под надлежност на Град Скопје. Исто така, исчистен е сметот и од улицата „Славејко Арсов“ на Водно.

Во населбата Кале се обезбедени шест контејнери за фрлање смет откако при чистењето и миењето на улиците во едно од маалата на Кале било утврдено дека има ставено само една канта од Град Скопје.

Општинските комуналци ги миеја уличките зад ТЦ „Буњаковец“, се чистеа клупите кај Градски ѕид кај ПС „Беко“, а во близина на Европски универзитет е поставена дрвена платформа за седење на бетонските клупи.

– Не смееме да дозволиме нашата Општина да биде валкана. Центар е една од најпосетените општини, затоа мораме да бидеме пример за чистота. Општинските служби работат интензивно и во текот на викендот за да остане Центар чист и уреден – напиша Герасимовски на „Фејсбук“, апелирајќи до граѓаните да се одржува околината чиста, а до Град Скопје да го собере сметот од улиците каде што има надлежност.

–  Нашите 120 хигиеничари секојдневно се на терен, работат во две смени, со цел обезбедување чист Центар за сите нас. Им упатувам огромна благодарност што неуморно се вложија во големата акција за чистење, која трае една недела, откако потфрли Град Скопје. Центар не чека, Центар чисти! – нагласи Герасимовски.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ