Општински инспектори во координација со своите колеги од Пазарен инспекторат и од полицијата ја проверуваат документацијата и условите за работа на сите угостителски објекти што се под надлежност на локална самоуправа. – Доколку им недостига одреден документ, имаат даден рок за обезбедување, во спротивно, ако не ги обезбедат ќе бидат избришани од регистарот за вршење на угостителска дејност, објаснуваат од општина Битола.
Контрола на локали кои вршат угостителска дејност почна и општина Карпош. Оттаму информираа дека таргет на општинскиот инспекторат се над 100 локали кои вршат угостителска дејност – подготовка за послужување на храна и пијалаци и кафе-барови
Трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која од големиот пожар загинаа 59 лица, а околу двесте се повредени, им ги отвори очите на локалните самоуправи, секоја во рамки на законските надлежности да почнат со контроли на угостителските објекти на своја територија.
Така, општинскиот инспекторат на општина Битола во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола од почетокот на работната недела е на терен и врши проверка на сите категоризирани објекти на физички лица што се под општинска надлежност дали ги исполнуваат минимално техничките услови согласно со Правилникот за минимално технички услови, донесен од министерот за економија и дали ги поседуваат сите документи потребни за дејноста.
– Според Законот за угостителска дејност, за физичките лица, општината е надлежна да издаде категоризација за конфекционирани угостителски услуги во наменски подвижни објекти, угостителски услуги за сместување и исхрана во куќи, угостителски услуги во апартмани и соби за одмор, угостителски услуги во селски домаќинства и угостителски услуги во пловни објекти. Ако им недостига одреден документ, имаат даден рок за обезбедување, во спротивно, ако не ги обезбедат ќе бидат избришани од регистарот за вршење на угостителска дејност – објаснуваат од општина Битола.
Се проверува и дали ноќните клубови во Битола имаат важечки лиценци за работа и дали ги имаат сите елаборати кои што треба да ги поседуваат, вклучувајќи и елаборати за бучава, за противпожарна заштита, за животна средина итн.
Оттаму посочуваат дека ди Владата и до Министерството за економија и труд, доставени се податоци по извршениот увид од страна на овластениот градежен инспектор на општина Битола, согласно деталните урбанистички планови на општина Битола, Генералниот урбанистички план на општината и податоците запишани во Агенцијата за катастар на недвижности, на правните субјекти со капацитет над 50 лица кои вршат угостителска дејност на територијата на општина Битола.
– На овој начин треба да се изврши проверка со вмрежување на податоците и соодветната издадена категоризација/лиценца, за правните субјекти кои вршат угостителска дејност на територијата на општината – потенцираат од локалната самоуправа.
До Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Битола, доставен е допис дека општина Битола доставила известување до угостителските објекти на територијата на градот Битола, дека не постапиле согласно со чл. 7 и чл. 25 од Законот за угостителска дејности.
– Од нив е побарано во рок од 3 дена да достават лиценца/дозвола за работа на објектот согласно со Законот за угостителска дејности и работно време на објектот, согласно истиот закон. Од Одделението за инспекциски надзор Битола доставена е листа на објекти со која располага општината и побарано е да се изврши вмрежување на податоците преку заедничка координација – велат од општина Битола.
Бидејќи биле утврдени одредени недоречености, односно неусогласености помеѓу Законот за угостителство во однос на Законот за градење и Законот за животна средина, општината испратила допис до надлежните институции во кој е нагласено дека се потребни законски измени, пред се во регулативата со документите, кои што се пополнуваат за вршење на одредената угостителска дејност, како и во делот на надминување на недореченостите во законските одредби.
На денешната седница на Советот на општина Битола беше донесена одлука на семејствата на настраданите и повредените во немилиот настан во Кочани да им се дадат два милиони денари, од кои еден милион ќе бидат одвоени за семејствата на починатите, а еден милион ќе бидат наменети за повредените лица во пожарот.
Контрола на локали кои вршат угостителска дејност почна и општина Карпош. Оттаму информираа дека таргет на општинскиот инспекторат се над 100 локали кои вршат угостителска дејност – подготовка за послужување на храна и пијалаци и кафе-барови.
Од таа причина од Секторот инспекторат упатуваат јавен апел до сите сопственици на локали кои вршат угостителска дејност – подготовка за послужување на храна и пијалаци и кафе-барови, оти се должни на лице место да имаат подготвено фотокопии од следниве документи: одобрение за вршење дејност, одобрение за поставување урбана опрема, елаборат за поставување на урбана опрема, имотен лист за деловен објект, елаборат за заштита на животната средина, елаборат за заштита од пожари и доказ дека истиот е спроведен на лице место, лична карта на одговорно лице, телефонски број и лице за контакт, како и службен мејл.
– За сите констатирани неправилности инспекторите ќе издадат Решение за отстранување на недостатоци кои ќе треба да бидат поправени во рок од осум дена, како и прекршочен платен налог – потенцираат од Општина Карпош.
Финансиска полиција ги чешла кабареата, дискотеките и ноќните клубови
Управата за финансиска полиција активно е вклучена во големата акција за проверка на работата на објектите кои функционираат како кабареа, дискотеки и ноќни клубови низ земјава и постапува согласно со своите законски надлежности.
Како што посочуваат, на располагање се ставени сите капацитети на Управата за финансиска полиција за потребите на оваа акција, која има за цел да открие евентуални неправилности и нелегални активности во работењето на овие објекти.
Акцијата се фокусира на утврдување на финансиски проневери, избегнување на даночни обврски, нелегално работење и други неправилности во финансиското работење на угостителите. Паралелно со ова, се додава во соопштението, истражните органи се насочени кон откривање на сите аспекти кои би можеле да доведат до санкционирање на оние кои не ги почитуваат законите и регулативите.
– Во тесна координација сме со сите институции и работиме посветено на целосно отстранување на сите неправилности во насока на обезбедување на почитување на законите и регулативите. Се преземаат сите потребни мерки и активности за санкционирање на секој вид на неправилности кои ќе бидат утврдени во текот на акцијата, стои во соопштението од Управата за финансиска полиција.
Министерството за транспорт одзеде 97 лиценци согласно со Законот за градење
Министерството за транспорт и врски спроведува контрола на сите издадени лиценци согласно со Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, од издадените над 1.100 лиценци, досега проверени се вкупно 643 лиценци.
– Кај 97 лиценци констатирано е дека по издавањето на лиценците правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои истите се издадени поради што ќе се донесат решенија за одземање на лиценците – истакна Николоски.
Тој рече дека на 13 градежни фирми одземена им е лиценца А за изведувач на градби од прва категорија, на 34 правни лица одземена им е лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија. Исто така, на 2 правни лица одземена им е лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија и на 6 фирми одземена им е лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија. На 3 правни лица одземена им е лиценца А за проектирање на градби од прва категорија и на 20 правни лица одземена им е лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија. Николоски истакна дека на 2 градежни фирми одземена им е лиценца Б ревизија на проектна документација на градби од втора категорија, а на 1 правно лице одземена му е лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија. На 16 правни лица одземена им е лиценца за изработка на урбанистички планови.
– Министерството во моментов спроведува контрола на сите лиценци издадени согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Законите за контрола не се јасни и не се исклучиви и затоа контролата сега се прави врз основа на политичка одлука, а по завршувањето на постапките ќе следат законски измени со кои ќе има обврска на секои шест месеци да се врши контрола на се што е издадено од страна на институциите – рече Николоски и најави законски измени што ќе придонесат за подобрување на состојбите во процесот на лиценцирањето.
Охридската пожарна дава совети за увежбување на планови за евакуација
Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид информира дека стои на располагање на сите институции, училишта, објекти… , со цел увежбување на плановите за евакуација, давање на совети и препораки. Оттаму истакнаа дека регионот кој го опслужуваат е поделен на два дела: загрозеност на градот и населените места и загрозеност на шумите, посочувајќи ги недостатоците.
– Тешко пристапни улици, збиена архитектура, несоодветна и нефункционална хидрантска мрежа во стариот дел од градот, градежна експанзија, тешко пристапни локации и патишта, нефункционална внатрешна хидрантска мрежа во колективните станбени објекти, градби без противпожарни скали за евакуација… во централното градско подрачје, но и ограничениот пристап до одредени населени места, намалување на брзината на дејствување поради далечината, зголемена можност од шумски пожари… кога станува збор за населените места и периферијата – потенцираат од ТППЕ – Охрид.
(С.Бл.)