Следната недела ќе биде објавен вториот повик за доделување средства за финансирање капитални проекти на општините. Сумата од 15 милијарди денари ќе се распредели во тригодишен период. На првиот јавен повик, 78 општини добија 288 проекти, со вкупна вредност од 4,5 милијарди денари или повеќе од 73 милиони евра. И дополнително, преку Министерството за транспорт, околу 800 милиони денари, средства што беа доделени со посебна програма за финансирање на проекти во општините
Владата обезбедува нови 15 милијарди денари од централниот буџет за реализација на капитални инвестиции за општините. За таа цел, Владата го задолжи Министерството за локална самоуправа да го распише вториот повик, но, како што појасни премиерот Христијан Мицкоски, овие средства нема да бидат потрошени само во оваа година.
– За да нема забуни во јавноста, можно е некои проекти да влезат и во три годишни буџети, освен во оваа и во 2026 и во 2027 година – рече Мицкоски.
Како и за првиот повик, шесте министерства се задолжуваат да ги утврдат критериумите со кои ќе се финансираат овие проекти преку капитални дотации.
– Откако ќе биде кристализирано, дефинирано сето ова, Министерството за локална самоуправа ќе го објави јавниот повик за изразување интерес од единиците на локалната самоуправа за финансирање капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводи и канализации, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните – истакна Мицкоски.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, најави дека следната недела ќе биде објавен вториот повик.
– Критериумите за учество, во најголем дел, ќе бидат исти како и за првиот, но и олеснети во поглед на рокот за поднесување документи и за почнување на постапката за јавна набавка. Ќе се одлучува врз основа на два критериуми: по глава на жител на резидентно население во секоја општина согласно со последниот попис и комплетноста на потребната проектна документација со сите потребни дозволи и согласности потребни за почнување јавна набавка со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци – рече Перински.
Право на учество имаат сите општини, кои ќе можат да аплицираат со еден или со повеќе инфраструктурни проекти, а повикот ќе трае до 30 април годинава.
На првиот јавен повик, 78 општини добија 288 проекти, со вкупна вредност од 4,5 милијарди денари или повеќе од 73 милиони евра. И дополнително, преку Министерството за транспорт, околу 800 милиони денари, средства што беа доделени со посебна програма за финансирање проекти во општините.
– Очекуваме, со подобрување на временските услови, градежна и економска експанзија на целата територија – рече Перински.