Договорот со банките околу средствата од унгарскиот кредит, кој е наменети за компаниите е финализиран и на седница на Влада, закажана за во вторник, треба да биде одобрен. По тоа следува потпишување на договорот со банките кој приватниот сектор го чека со месеци и практично со тоа парите од заемот треба да станат оперативни.
– Се надевам дека до крајот на месецов се ќе биде завршено, ќе се потпише со банките и ги повикувам економските оператори да подготват проекти и да аплицираат за да ги добијат кредитите од комерцијалните банки – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од унгарскиот заем, 250 милиони евра се наменети за компаниите. Компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ што можат да го добијат е 10 милиони евра. Фирмите кон банките ќе плаќаат каматна стапка од 1,95 проценти, грејс-периодот е три години и 12 години рок на отплата, а парите можат да ги искористат за нови производствени капацитети и нова опрема, како и за обновливи извори на енергија, но и за објекти што компаниите ќе ги користат како административни згради.
Но, парите нема да можат веднаш да легнат на сметките на компаниите што ќе аплицираат бидејќи процедурата за одобрување од страна на банките трае од неколку дена до еден месец, во зависност од бараниот износ и од комплексноста на проектот што треба да се финансира. Од друга страна, секоја банка има свои интерни процеси и фази низ кои поминува едно кредитно барање и затоа временскиот период на обработка па сè до финална реализација временски не може да се унифицира.
На седницата на Влада во вторник се очекува и одлуката за кога ќе се распише повикот до општините за да конкурираат со проекти што исто така ќе бидат финансирани од унгарскиот заем. Мицкоски очекува успешна реализација и на овој проект.
– Мислам дека ќе биде исклучително успешен овој пат за да не се доведеме во ситуација да го продолжуваме рокот, имале-немале одобрение за градба, па имале проект немале проект ќе биде малку подолг рокот до таму некаде крајот на месец април за да можат сите оние што нема да стигнат со одобрение за градба и оние документи кои се потребни да успеат во меѓувреме да ги обезбедат, така што, јас сум исклучително среќен и задоволен за сето она што претставувало претходно проблем за граѓаните, сега се надминува, се решава преку овие средства кои се реалоцирани од буџетот. Се градат улици, се градат патишта, булевари, се градат градинки, училишта, сали, практично капитални инвестиции што ќе го подобрат квалитетот на живот на нашите сограѓани – посочи Мицкоски.
(С.Бл.)