Општината ќе ја субвенционира набавката на клими, а и трошоците за комунални услуги на социјално најзагрозените

122

Општина Куманово го подготвува правилникот за критериумите согласно со кои кумановци ќе можат да аплицираат за новата мерка – субвенција за набавка на клими. Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, информираше дека во правилникот ќе бидат опфатени прецизни информации какви документи ќе бидат потребни за да се аплицира за мерката.

– Се изготвува правилник за критериумите според кои ќе бидат поделени двата милиони денари, односно 2.000 денари за семејство, а ќе бидат опфатени 100 семејства. Наскоро ќе се прецизираат работите и се надевам дека до крајот на јануари ќе излезе како јавен повик, со прецизни информации, што треба да достават граѓаните, какви формулари треба да пополнат – изјави Ѓорѓиевска.

Советот на Општина Куманово ја изгласа програмата за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима-уреди за затоплување на подрачјето на градот, за 2025 година. Средствата што ќе се користат за делумен надоместок за граѓаните на територијата на Куманово, ќе се распределат според редот на пристигнати барања.

– Ова не е социјална мерка, станува збор за еколошка мерка и секој ќе може да аплицира – истакна секретарот на Општината, Александар Гелевски.

Претходните години, Куманово го субвенционираше приклучокот на гас. Во ноември, поради зголемувањето на цената на приклучокот, како што објаснија тогаш надлежните од јавното претпријатие „Куманово гас“, поради високите цени на приклучните елементи, беше утврдено цената за приклучокот да изнесува 25.000 денари. Гасификацијата, промената на начинот на греење и пошумувањето се долгорочни мерки за намалување на аерозагадувањето во Куманово. Изминатиов период, преку проекти, беа насадени висококвалитетни садници на различни локации.

Исто така, и годинава Општина Куманово продолжува со субвенционирањето на трошоците за комунални услуги на социјално најзагрозените лица.

Право на субвенционирање на трошоците за комунални услуги ќе можат да остварат: лицата што до својата 18-годишна возраст имале статус на дете без родители или без родителска грижа и по престанувањето на старателство, најмногу до 26 годишна-возраст; згрижувачките семејства што имаат згрижено едно или повеќе деца без родители или без родителска грижа; самохраните родители што живеат на територијата на Општина Куманово; стечајните работници што живеат на територијата на Општина Куманово; лицата приматели на право на социјална сигурност за стари лица (социјална пензија); лицата – деца со попреченост над 26-годишна возраст (интелектуална попреченост, телесна попреченост, слепо и слабовиднo лице, и глуво и наглуво лице) и лицата – деца со специфични потреби, кои имаат пречки во телесниот или во менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26. година од животот.

Барањата со потребната документација се доставуваат до архивата на Општина Куманово, најдоцна до 16.2.2025 година.

 

ИЗДВОЕНИ