Општина Кисела Вода првпат воведува еднократна финансиска поддршка за најранливите категории пензионери.
Со оваа мерка, финансиска помош ќе добијат сите пензионери кои примаат старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија и се жители на општина Кисела Вода, а чии месечни примања не надминуваат 22.640 денари според јануарскиот чек за 2025 година.
-На секој од нив ќе му бидат доделени 2.500 денари како еднократна финансиска поддршка. Општината дополнително ќе го покрие и персоналниот данок, кој не е пресметан во овие средства – појаснуваат од локалната самоуправа.
Оваа помош ќе се доделува се до исцрпување на предвидените средства, кои во буџетот на Општина Кисела Вода за оваа намена изнесуваат 7.000.000 денари.
-Нашите највозрасни жители, пензионерите, заслужуваат сигурност и достоинствен живот, а ние како локална самоуправа правиме сè што е во наша моќ да им го олесниме секојдневието. Оваа мерка е уште еден чекор во континуираната грижа за повозрасните сограѓани, со која даваме конкретна финансиска помош, но и јасна порака дека тие не се заборавени – потенцираат од Општина Кисела Вода.
Во изминатиот период, Општина Кисела Вода воведе и бесплатен транспорт за пензионерите до здравствени и административни институции, како и проектот ,,Итно копче” кој овозможува брза реакција во итни ситуации, како и програмата за грижа и нега на повозрасните лица.
Аплицирањето за јавниот повик започнува од денеска и ќе трае сè до исцрпување на средствата предвидени за оваа мерка.