Општина Тетово собира предлози за именување и преименување на улиците, борците бараат да се поништи преименувањето од 2007 година

КОНФУЗИИ И СПОРЕЊА ОКОЛУ СООБРАЌАЈНИЦИТЕ ВО ГРАДОТ ПОД ШАРА

83

Конфузии и спорења се случуваат во Тетово околу именувањето на новите и преименувањето на дел од постоечките сообраќајници. Откако Општина Тетово завчера објави повик до граѓаните и организации да почнат да доставуваат предлози за нови имиња на улиците, вчера Сојузот на борците од НОБ од овој град најави уставно оспорување на одлуката со која во 2007 година дел од улиците добиле нови имиња. Претходно, градоначалникот Билал Касами неодамна рече дека новите имиња ќе добијат улиците кои сега се означени со бројки, а дека ќе се премиенуваат оние улици кои носат имиња од претходниот систем кои немаат никаква поврзаност со Македонија.

-Се известуваат и повикуваат сите граѓани, правни лица, невладини организации, здруженија на граѓани и граѓански активисти кои претставуваат различни групи граѓани на подрачјето на Општина Тетово, заради обезбедување инклузивност и вклучување на јавноста, да достават предлози за преименување улици во Општина Тетово кои веќе имаат определено име и за именување на новите улици. Јавниот повик ќе трае до 10.03.2025 – се вели во општинското соопштение.

Веќе е формирана и посебна работна група која ќе ги обработува и ќе ги селектира предлозите. Деновиве, Сојузот на борците на Тетово му порача на градоначланикот Касами да нема преименување на улици кои носат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ, но и да не се предлагаат имиња со кои се нарушува угледот на земјата и се навредуваат чувства на граѓаните. Вчера, пак, борците и граѓаните продолжувачи на традицијата од НОБ од Тетово поднеле иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово од 24.04.2007 година.

-Одлуката е спротивна на членовите 7, 8 и 51 од Уставот на Македонија, членовите 5, 6, 7 и 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како и чл. 6, став 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик, поради што очекуваме Уставниот суд истата да ја укине како неуставна и незаконита. Спорноста на Одлуката произлегува од нејзината едностраност, односно истата е донесена без исполнување на законскиот услов – претходна согласност од Владата на Република Македонија. Оспорената Одлука е спротивна на Законот бидејќи за одредени улици утврдила име користејќи странски јазик, а истото е испишано на кирилско писмо, иако и Уставот и Законот налагаат имињата на улиците да бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Оттаму, незаконски е улица да се вика „Конгреси и Манастирит“ или „Дешморет е комбит“, бидејќи се напишани на албански јазик, но на кирилско писмо – сметаат тетовските борци.

Во 2007 година името на градскиот плоштад и главната сообраќајница, кои го носена името „Маршал Тито“ беа променети во плоштад и булевар Илирија, улицата „ЈНА“ во „Дервиш Цара“, улицата „29 Ноември“ во „Мехмет паша Дерала“, а нови имиња добија и повеќе други улици. Но, оваа промена сè уште не е званично одобрена од надлежните државни органи. Сега кога Општината испраќа соопштенија ги користи новите имиња на улиците, но во офоцијалните документи како што се лична карта, пасош, возачка дозвола и други документи уште стојат старите имиња на улиците.

Неодамна, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во Тетово не може да има преименување на улиците без консензус.

-Прво, не може да има промена на имиња без консензус. Тоа зависи од одлука на Влада. Доколку се донесе еднострана одлука, јас како претседател на Владата, таква точка нема да разгледувам. Второ, има коалициски договор, колку што сум јас запознаен, а коалицискиот договор е дека сите оние улици коишто се без број или со број, да добијат имиња. А тие улици коишто веќе имаат име да не се менуваат. Тоа е коалицискиот договор. А имињата коишто ќе бидат предложени за оние улици коишто се без број и со број, треба да бидат прифатени, и да имаат коалициски компромис- рече тогаш премиерот Мицкоски. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ