Општина Карпош поддржа девет проекти и активности од културата со вкупно 300.000 денари

14

Врз основа на Програмата за активностите на Општина Карпош од областа на културата за 2025 година, на последната комисија доделена е финансиска поддршка на четири културни дејци и еден ансамбл, во висина од 191.500 денари, за креативни проекти и активности од културата, како и четири еднократни финансиски поддршки за културни активности на три лица кои се занимаваат со култура и една филмска продукција, во вкупна вредност од 110.000 денари.

Финансиска поддршка за проекти од културата е доделена на: фолклорниот ансамбл „Етнос“ – Скопје, за учество на меѓународниот фолклорен фестивал „Светот под Кушера“ – Легница, Полска, кој ќе се одржи во периодот од 26 јуни до 07 јули. Комисијата одлучи да се одобрат средства во висина од 90.000 денари. Потоа на Дејан Стоев, за проектот „Светска поп класика во Карпош“, со одобрени 30.000 денари, на „Бата ПРЕСС“, за реализација на проектот „Правописно – нормативен речник на македонски стандарден јазик од група автори – (универзитетски професори)“. Комисијата одлучи да го поддржи проектот со тоа што ќе откупи 60 примероци во висина на 29.000 денари. Поддржан е и Игор Чекичевски, за реализација проектот печатење на сликовница „Евлија Челебија“, со одобрување на 22.500 денари, како и  Зоран Павловски, за реализација на проектот „Концерт на евергрини и балади на ТООТ Квартет“, со одобрени 20.000 денари.

Општина Карпош за оваа година одвои милион денари за финансиска поддршка на креативни интересни проекти и активности од културата за тие да бидат промовирани и презентирани во општината. За изборот на проекти одлучува петчлена комисија, од кои тројца се претставници од комисијата за култура од Советот и двајца од администрацијата на општина Карпош. Целта на оваа активност е афирмација, промоција и поддршка на културните активности и творештвото на сите оние што се занимаваат со културата од Општина Карпош, како и промоција и поддршка на културата и нејзините културни дејци преку отворање на вратите за запознавање на граѓаните од различни области на културата.

Еднократна финансиска поддршка за културни активности е доделена и на: „Мотион ПРО“ ДООЕЛ – Скопје за реализација на интерактивна едукативна работилница на тема „Примена на Вештачката интелигенција во уметноста и медиумска писменост“, со одобрување на 30.000 денари,  Данче Поповска, родител на Стефан Трајковски, за снимање на рап – албум, со одобрување на 30.000 денари, Марија Николоски, родител на Елиза Николоска за превоз, патни трошоци и сместување на претстојниот натпревар по пијано кој ќе се оддржи во Аликанте, Шпанија од 23–26 април, со одобрување на 30.000 денари и на Милева Лазова за печатење на книгата „Зборовезница на едно новинарско перо“, со одобрување на 20.000 денари.

Еднократната финансиска поддршка, за која во 2025 година се предвидени средства од вкупно 300.000 денари, е наменета за реализација на разни манифестации и програми кои не се опфатени со годишната програма. Оваа еднократна финансиска поддршка се доделува еднаш годишно.

 

ИЗДВОЕНИ