По наредба на јавното обвинителство, ЈП Паркови и зеленило во текот на вчерашниот ден итно го отстрани остатокот од паднатото дрво кое повреди десетгодишно дете, затоа што, поради неговата старост, претставуваше сериозна опасност за сите минувачи во тој дел на Карпош 3, соопштуваат од општина Карпош.
Вештачењето извршено од стручно лице потврди дека станува збор за „канадска топола“, дрво чиј век на траење е околу 16 години, а според проценката на стручни лица, дрвото било старо меѓу 30 и 40 години, што значи дека иако имало жив корен и делумно зелени гранки, неговото стебло било во фаза на распаѓање, поради што претставуваше сериозна опасност за околината.
За жал, канадски тополи сѐ уште има на територијата на Карпош, иако Градот Скопје од истите (безбедносни) причини пред неколку години спроведуваше акција за целосно отстранување на овој тип дрва од градското подрачје при што беа отстранети повеќе од 800 на територија на Скопје. Градот ќе треба да одговори зошто оваа опасност се уште целосно не е отстранета од територијата на општина Карпош и до кога карпошани ќе треба да се движат под ризик да настрадаат од исушени и болни дрва?
Во интерес на точното информирање на јавноста, исто така би сакале да ги демантираме тврдењата на Град Скопје и ЈП Паркови и зеленило кои во изминатите денови наместо да направат план како да го намалат ризикот од болни и исушени дрва и да ја зголемат безбедноста на граѓаните, тие се обидуваа да ја префрлат вината на општина Карпош, затоа што наводно требала да поднесе барање за да го исечат дрвото.
Членот 29, став 1 од Законот за урбано зеленило, јасно укажува дека Град Скопје имал обврска да постапи по службена должност, а не да чека пријава, особено затоа што не станува збор за суво дрво или гранка, кое може го увиди и лаик, туку за тип на дрво кое треба да биде препознаено од стручни лица, какви што има само во ЈП Паркови и зеленило.
Јавноста исто така треба да биде запознаена со фактот дека во 2022 година, општина Карпош доставила до Град Скопје листа со барање за кастрење и сечење на дрва на територија на целата општина. Само во Карпош 3 мапирани се повеќе од 70 исушени дрва, кои се потенцијална опасност за карпошани. Очекуваме од ЈП Паркови и зеленило да соопштат по колку од овие пријави е постапено, соопштуваат од општината.