Јавното осветлување на територијата на општина Карпош ќе биде заедничка грижа на општината и на приватен партнер. На последната седница на Советот на Општина Карпош со мнозинство гласови е усвоена Физибилити студијата за оправданоста од доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство (ЈПП), за давање на услуги во сферата на јавното осветлување.
Од Општина Карпош соопштија дека студијата е нарачана од Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош, која преку квантитативна анализа на ризиците, емпириски ја истражила можноста за воспоставување на ЈПП за јавното осветлување во Карпош.
– Во случајов, локалната самоуправа во периодот 2020-2024 година инвестираше 100 милиони денари финансиски средства, со кои изврши замена на натриумските светилки со нови 4.796 ЛЕД светилки. Овој потег на Општината резултираше со очекувана годишна заштеда на електрична енергија од 60-90% од сегашната инсталирана снага на заменетите светилки или попрецизно, заштеда од 25 до 40 милиони денари. Во таа насока, целта на јавното приватно партнерство е обезбедување на очекувана заштеда, со вложувања во замена на електричната инфраструктура којашто е застарената или пак е надвор од употреба – објаснуваат од локалната самоуправа.
Проектот опфаќа конкретни активности што се однесуваат на вложувања во замена на 10.000 метри подземна инсталација од сегашните 112.000 метри должина, со проценета вредност од 16,5 милиони денари.
– Исто така, се планира замена на 10.000 метри воздушна инсталација од постоечките 44.000 метри, со проценета вредност од 2,2 милиони денари, замена и одржување на 1.230 пет и пол метарски столбови од вкупно 4.500 столбови со проценета вредност од 73 милиони денари, потоа замена и одржување на 20 осумметарски метални столбови, од вкупно 550 со проценета вредност од 1,6 милиони денари, како и замена на 300 осумметарски дрвени столбови од вкупно 1.100, со проценета вредност од 5,4 милиони денари – велат од Општина Карпош.
Според проекциите, 70% од активностите би се реализирале во рок од три години од денот на склучување на договорот за ЈПП, додека пак останатите 30% би се спровеле во наредните седум години, согласно идентификуваните потреби на јавниот партнер.
Според стручната студија, проценетата вредност на ЈПП проектот би изнесувал 147.470.000 денари или близу 2,4 милиони евра, а најоптимално времетраење на договорот би било 10 години. Финансиските средства би ги обезбедил приватниот партнер, а повратот на вложените финансии би ги обезбедил преку месечни плаќања од страна на Општината (надоместок за извршување на јавна услуга), во висина која ќе биде утврдена во зависност од најдобрата понуда во самиот процес на доделување на договорот за ЈПП. По истекот на овој договор, целокупниот систем на јавно осветлување и одржувањето на истиот повторно би бил предаден во владение на јавниот партнер, односно на Општина Карпош.