Поради несоодветното однесување на дел од граѓаните, старите гуми често се оставаат на диви депонии и покрај контејнерите, што има сериозен негативен ефект врз околината и квалитетот на воздухот.

Општина Ѓорче Петров започнува иновативна акција за управување со отпадни гуми, прва од ваков тип во Македонија, а со цел намалување на загадувањето на воздухот и животната средина. Со оваа иницијатива, оваа локална самоуправа станува прва во земјава која системски пристапува кон решавањето на овој голем загадувачки проблем. Локалната власт за таа цел обезбеди соодветен простор за нивно оставање во комуналниот пункт на Општина Ѓорче Петров, кај „Камин Кама“.

– Секојдневно се трудиме преку нашите служби да собираме гуми од диви депонии и од околината на контејнерите. Секоја од овие акции претставува еден мал чекор, но значаен за подобрување на животната средина во нашата општина. Преку новата соработка со компанијата за управување со отпадни гуми, во континуитет ќе обезбедиме подигнување и соодветно третирање на овие гуми, што ќе спречи нивно незаконско палење и загадување – изјави градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

На тој начин, не само што ќе се спречи горењето на старите гуми, туку и ќе се намали можноста за создавање нови диви депонии.

– Граѓаните се повикуваат да соработуваат и да ги остават старите гуми на претходно утврденото место, со што ќе придонесат за почиста и поздрава околина. Општина Ѓорче Петров со оваа акција испраќа јасен сигнал дека е подготвена да преземе акција за секој проблем кој го загрозува здравјето на своите жители и животната средина – велат од општината.

ИЗДВОЕНИ