Општина Центар: Дел од хигиеничарите годинава ќе бидат пријавени со целосно платени придонеси за здравствено и пензиско!

55

Во буџетот на Општина Центар за 2025 година нема предвидено пари за вработување на луѓето кои се задолжени за одржување на хигиената. Тие и понатаму ќе добиваат само хонорари, без пензиско и здравствено осигурување. Советниците од „Шанса за Центар“ велат дека од Општината сакале да ги вработат, но немало пари. Им било кажано дека можеби со ребаланс ќе се обезбеделе средства.

-Требало уште да анализираат колкумина да се вработат. Вакви „анализи“ прават веќе трета година по ред, а градоначалникот Горан Герасимовски нивно вработување ветува од почетокот на мандатот. Ние поднесовме амандман на буџетот за тоа. Амандманот, нормално, ни го одбија – реагираат од „Шанса за Центар“.

Оттаму додаваат дека вработувањето на хигиеничарите ќе значи: почитување на законите со кои се утврдува ангажирање на лица и нивно редовно вработување, а со што и ЈП ПОЦ ќе даде позитивен пример за законито работење. Воедно, секој човек заслужува да го оствари своето право од работен однос согласно законот за работни односи, а јавните институции треба да се пример во постигнување на овие права на вработените и пример за сите други приватни компании.

– Борбата со сиромаштијата и социјалната правда (пензиско и здравствено осигурување) е заложба која не смееме да ја заборавиме и институциите треба да се пример за нејзино спроведување – нагласуваат од „Шанса за Центар“.

Од Општина Центар пак возвратија дека во консултација со директорот на ЈП ПОЦ и секторите на Општина Центар, особено во делот на финансиите, било договорено во текот на оваа година дел од хигиеничарите да бидат пријавени со целосно платени придонеси за здравствено и пензиско осигурување.

– Согласно, утврдената динамика, се очекува истото да се реализира и за преостанатите работници во текот на наредната година. ПОЦ наскоро треба да ги достави точните бројки и пресметки за процесот на преземање на работниците кои се задолжени за одржување на чистотата на територијата на општината. Преку ребаланс и прераспределба во буџетот, предвидено е зголемување на финансиските средства за оваа намена. Процесот на прием на работници е планиран да започне во март, а приоритет ќе имаат оние со најголем стаж – децидни се од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека оваа иницијатива е дел од реализирањето на предизборните ветувања, насочени кон подобрување на работните услови и унапредување на квалитетот на живот за сите граѓани.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ