Општина Битола ќе аплицира со над 30 проекти

30

Над 30 проекти за различни потреби на општественото живеење, преку соодветни апликации, Општина Битола ќе достави до министерствата за новиот јавен повик за изразување интерес од општините за финансирање инфраструктурни проекти од потпрограмата АА.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, ги потпиша проектните апликации и, преку нив, Општина Битола има цел да обезбеди финансиска помош за реализација на приоритетните проекти, кои се од големо значење за граѓаните и за локалниот развој.

– Со поднесувањето на овие апликации, покажуваме подготвеност, транспарентност и визија за подобра Битола. Ќе продолжиме со интензивната работа на сите нивоа за да обезбедиме што повеќе средства и инвестиции во нашата општина – посочи Коњановски.

Предвидените проекти опфаќаат реконструкција на голем број улици во градот и во населените места во Општината. Во дел од нив, покрај коловозот, реконструкцијата опфаќа и промена на канализациската и на водоводната мрежа.

Проектните апликации вклучуваат и изградба на три спортски сали во основните училишта „Стив Наумов“, „Тодор Ангелевски“ и во ПОУ „Даме Груев“ во селото Долно Оризари, како и 10 спортски игралишта во училиштата, со соодветно осветлување. Во однос на спортските терени, предвидена е изградба на атлетски патеки и на борилиште на стадионот „Петар Милошевски“.

Опфатени се и два проекта за изградба на објекти за терариум и нов дел за копитарите во битолската Зоолошка градина, како и реконструкција на месните заедници во селата Кременица и Крклино. Со овој повик е предвидена реконструкција на објектот што е наменет за училиште, во населбата Буковски Ливади, како и изградба на паркинг- простори на неколку локации во градот.

Вкупната вредност на проектите со кои ќе аплицира Општина Битола на јавниот повик е околу 800.000.000 денари. Повикот за аплицирање до соодветните министерства трае до 30 април, по што тие ќе ги соопштат одобрените апликации за проекти.

 

ИЗДВОЕНИ