Олимписката медалистка и трикратна светска шампионка во скијање, Фрида Карлсон, откри дека неколку години ја демне еден ист човек. Овој пат таа реши целосно да ја раскаже својата приказна пред светот.
Швеѓанката најпосле се ослободила од човекот кој и го направил животот неподнослив поради неговата опсесија со неа. Станува збор за постар маж кој влегол во нејзиниот живот есента 2023-та. Лично се сретнал со Карлсон три пати, а според неа, тоа се случило на тренинг во Солетеа, во нејзиниот дом во Естерсунд, како и на натпреварување во Стокхолм.
Покрај тоа, овој обожавател и испратил повеќе од 200 пораки, и се јавил 207 пати, а и испратил едно писмо по пошта. Во ноември 2024 година му беше забранет секаков контакт со Фрида, а на 21 февруари оваа година, човекот отиде во затвор поради повеќекратно прекршување на забраната.
-Кога се појави на неколку места каде што бев, почувствував голем стрес и страв. Сакаше да се напиеме кафе и да разговараме. А јас реков: „Воопшто не ми треба ова“. Потоа ги грабнав моите ролери и тргнав на патот, истакна 25-годишната скијачка.
Тој не ѝ се заканувал на Фрида, а пред тоа не бил суден како обвинет. Ништо посебно, освен помали сообраќајни прекршоци.
На суд, 65-годишникот одржа долг говор кој мораше да го прекине неговиот адвокат. Тој рече дека Фрида била таа што ја иницирала врската. Демначот тврди дека Карлсон го контактирала лично и преку објави на социјалните мрежи.
Неколку од стотиците СМС-пораки што човекот и ги испратил на спортската ѕвезда биле прочитани за време на судењето. Меѓу нив имало и такви во кои ја поканил на вечера и предложил да имаат деца, но не добил никаков одговор.
„Ми недостигаш повеќе од кога било“, гласеше една порака.
Карлсон се променила кога таков опсесивен обожавател влезе во нејзиниот живот. Дури и нејзината мајка го потврди тоа. Жената рече дека нејзината ќерка се плаши да живее во сопствениот дом.
-Не се плашам и сум самоуверена, но после тоа некако се повлеков. Порано бев прилично независна, но сега ми треба некој покрај мене, изјави Швеѓанката.
Обвинетиот на крајот беше прогласен за виновен во Окружниот суд во Ангерманланд и доби двегодишна условна казна и парична казна од 40.000 шведски круни.