Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку Фејсбук се огласи во јавноста по, како што вели, координираните напади од ДУИ, СДСМ и Левица. Оценува дека партиите се здружиле во обидот да фрлат сенка над она што три децении го чека македонскиот народ – расчистување со корупцијата и ставање крај на политиката на неказнивост.
-Не се напаѓа оној што не претставува закана, се напаѓа оној што навистина менува нешто. Оној што не прифаќа да биде дел од нивниот удобен систем на молк, неказнивост и меѓусебна заштита. Токму затоа, јас овие напади не ги гледам како закана, туку како комплимент дека конечно правдата ги допре оние кои мислеа дека засекогаш ќе останат недопирливи. Ова не е само моја битка, ова е наша битка. Ова е битка на сите граѓани кои 30 години живеат во држава во која политичката елита си играше фудбал по канцеларии и ја шутираше Македонија како топка. Денес, наместо тие да ја шутираат државата како што сакаат, законот почна да ги удира токму таму каде што најмногу ги боли, напиша Тошковски на својот профил на социјалните мрежи.
Возвратија од СДСМ, велат дека и по еден месец од трагедијата во Кочани, Тошковски сè уште не најде ниту еден виновен во актуелните началници и службеници на МВР кои биле директно одговорни за безбедноста на граѓаните. Уште еднаш го повикаа да си поднесе оставка, а пред тоа да ги приведе сите седум началници за кои сите правни експерти во државата јасно кажаа дека имаат директна одговорност за настанот.
-Додека обични службеници се гонат и носат на распит, додека истрагата веќе стигна и до 2012 година, лицата кои реално имале моќ и обврска да спречат трагедија – остануваат недопирливи. Началници, командири, луѓе од БЈБ, па дури и полицајци што биле таа вечер на лице место – никој од нив не е ниту повикан, ниту истражуван. Тоа е срамно. Тоа е директен доказ за селективна правда. Има ли поголем доказ за морален пораз од тоа што советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Кочани поднесе оставка, а министерот не?, прашуваат од опозициската СДСМ.