Опозицијата бара оставка, на Тошковски критиките му се комплимент

Втора интерпелација за министерот за внатрешни работи

1095

По најавите на партијата Левица дека ќе поднесе интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како и по критиките упатени од опозициските СДСМ и ДУИ за селективна истрага по трагедијата во Кочани, тој денеска, во објава на социјалните мрежи, порача дека го критикуваат бидејќи се плашат од правдата. Оценува дека партиите се здружиле во обидот да фрлат сенка над она што го чека македонскиот народ три децении: расчистување со корупцијата и ставање крај на политиката на неказнивост.

– Не се напаѓа оној што не претставува закана, се напаѓа оној што навистина менува нешто. Оној што не прифаќа да биде дел од нивниот удобен систем на молк, неказнивост и меѓусебна заштита. Токму затоа јас не ги гледам овие напади како закана, туку како комплимент дека, конечно, правдата ги допре оние што мислеа дека засекогаш ќе останат недопирливи – напиша Тошковски на својот профил на социјалните мрежи.

Кратко по објавата на Тошковски, се огласи и подносителот на интерпелацијата, Димитар Апасиев, најавувајќи му „машко“ соочување во Собранието и барајќи целосна политичка и институционална одговорност за настанот што ја потресе државата.

– Овој бескрупулозен министер, познат како адвокат на урбаната мафија, нема ниет да ја сфати суштината на оставката од морални причини. МВР е директно одговорно за трагедијата во Кочани. Овој послушник на премиерот има само една задача: да ја забошоти истрагата за да не одговара ниту еден функционер од власта – пишува Апасиев, од чија партија посочуваат дека е поднесена интерпелацијата поради грубо занемарување на јавната функција, нестручност, неодговорност, низа противзаконски дејства, скандали и кадровско промашување во рамките на МВР.

Тошковски ѝ одговори на Левица дека е политички паразит што живее и се храни од народниот гнев, создаден токму од нејзините денешни партнери, ДУИ и СДСМ.

– Левица, која со години не пропушта можност да се претстави како алтернатива, всушност, е само уште една алатка на истите структури што ѝ ја одзедоа иднината на Македонија. Денес, кога, конечно, се чисти системот, Левица ги напушти своите наводни принципи и застана во одбрана токму на оние што ги обвинуваше до вчера. И не е тоа затоа што тие се нова партија со визија, туку затоа што најдобро опстојуваат во времиња кога е разнишан системот, а довербата на граѓаните во институциите е убиена од нивните некогаш прикриени, а денес очигледни сојузници – пишува Тошковски на „Фејсбук“.

Критики на адреса на Тошковски упатија од СДСМ, велат дека и по еден месец од трагедијата во Кочани, тој сè уште не нашол ниту еден виновен меѓу актуелните началници и службеници во МВР што биле директно одговорни за безбедноста на граѓаните. Го повикаа на оставка, а пред тоа да ги приведе сите седуммина началници за кои сите правни експерти во државата јасно кажаа дека имаат директна одговорност за настанот.

– Додека се гонат обични службеници и се носат на распит, а истрагата стигна и до 2012 година, лицата што реално имале моќ и обврска да спречат трагедија – остануваат недопирливи. Началници, командири, луѓе од БЈБ, па дури и полицајци што биле таа вечер на самото место – никој од нив не е ниту повикан, ниту истражуван. Тоа е срамно! Тоа е директен доказ за селективна правда. Има ли поголем доказ за морален пораз од тоа што советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Кочани поднесе оставка, а министерот не? – прашуваат од опозицискиот СДСМ.

Но, според Тошковски, СДСМ не треба да зборува за селективност и неправда, бидејќи во текот на седумгодишниот мандат на оваа партија се случиле три големи трагедии, во кои животот го загубиле над 70 луѓе.

– И сега добро запомнете: за сите тие загубени животи, СДСМ не поднесе ниту една кривична пријава. Ниту една! Истите тие денес велат дека истрагата за Кочани е фарса, а во оваа наводна „фарса“ веќе имаме над 50 осомничени. Зборуваат за морален пораз приврзоците на ДУИ, кои седум години беа тивки соучесници во распаѓањето на државата, а денес без грам срам се обидуваат да се претстават како глас на совеста. Лицемерноста нема граница, а СДСМ треба да знае дека меморијата на македонските граѓани не е толку кратка како што би посакал – вели Тошковски.

И на крај, можеби, најсилните критики до министерот за полиција се упатени од ДУИ, од чија партија, за несреќата во Кочани, зад решетки завршија неколкумина поранешни министри за економија.

– Јавноста со право бара одговорност за ужасната трагедија во Кочани, да се утврди точно и правично. Она што ни се прикажува не е правда, туку институционален агресивен напад, еднострано насочен кон албанскиот народ во оваа држава – оценија од ДУИ.

Тошковски возврати.

– Три партии, кои наводно се борат една против друга, покажаа дека нивниот заеднички интерес е посилен од сите нивни привидни разлики. Истите тие функционери на ДУИ, кои некогаш со ароганција велеа дека не одговараат пред законот, туку само пред Али Ахмети, а кога некој ќе им спомнеше одговорност за криминал, одговараа со закани со чизмите од таванот, денес панично се разбегаа, бидејќи првпат почувствуваа дека законот е над партијата. Па би сакал вака јавно да ги прашам: „Каде е Артан Груби денес? Каде е Прпарим Бајрами денес?“ Зарем не беа токму тие најгласните борци за правата на Албанците, кои наместо права, си обезбедија само привилегии за себе и за своите семејства?“ – наведува министерот во објава на „Фејсбук“. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ