Непознати сторители опожариле два сада наменети за одлагање на комуналниот отпад во скопската населба Серава, во општината Чаир. Контејнерите со зафатнина од 1,1 кубен метар беа лоцирани на улицата „Серава“.
Микролокацијата веднаш била целосно исчистена од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје, по што биле поставени и нови садови за одлагање на отпадот.
– Апелираме до граѓаните внимателно да ракуваат со контејнерите поставени на јавни површини, бидејќи секое нивно оштетување значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад и го оневозможува навременото реализирање на тековните активности предвидени согласно Оперативната програма за работа на Претпријатието – изјави в.д.директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Сабахадин Рустеми.
Во текот на 2024 година беа опожарени 24 садови наменети за одлагање на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени кај надлежните органи.