Опожарен контејнер на главната улица „Ѓорче Петров“ 

35

Во текот на изминатиот викенд, непознати сторители опожариле еден
контејнер наменет за одлагање комунален отпад лоциран на главната улица во скопската општина Ѓорче Петров.

Од јавното претпријатие Комунална Хигиена информираат дека опожарениот контејнер бил со зафатнина од 3,2 кубни метри и е целосно уништен и неупотреблив.

-Од почетокот на годинава беа опожарени вкупно 19 пластични контејнери поставени на јавни површини. Со цел да не се наруши динамиката на одлагање, собирање и транспорт на комуналниот отпад,  ЈП Комунална Хигиена во најкус можен рок сите опожарени садови ги замени со нови – велат од претпријатието.

Оттаму апелираат да престане уништувањето на садовите за одлагање отпад, за екипите на претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, согласно Оперативната програма за работа.

Воедно, од ЈП Комунална Хигиена известуваат дека во неделата подигнале и транспортирале приближно 50 кубни метри отпад одложен на јавни и на сообраќајни површини по завршувањето на Скопскиот маратон 2024.

-Отстранувањето на отпадот се одвиваше во централното градско подрачје, на плоштадот „Македонија“, Кејот „13 Ноември“, улиците: „Димитрија Чуповски“ и „11 Октомври“, како и на сите останати улици и булевари на патеката на маратонот, особено во реонот каде што беа поставени водните станици – велат од ЈП Комунална Хигиена.