Делегации од 55 земји, меѓу кои и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, како и нејзините колеги од Италија, Франција и Германија и британскиот крал Чарлс Трети, денеска го посетија „најужасното место на светот“, како што го нарече поранешниот германски министер за надворешни работи, Хајко Мас, концентрациониот логор во Аушвиц, кога во 2018 година беше првиот шеф на германската дипломатија кој по цели 26 години го посети споменикот на теророт за кој сега се испраќа една порака – Никогаш да не се повтори! Иако голем број државници присуствува на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, овој пат зборуваа оние што на своја кожа го почувствувале теророт и ги изгубиле своите најблиски во „пеколот на земјата“ – во гасните нацистички комори. Не беа предвидени говори на политичари, бидејќи идејата е дека мора да се слушне гласот на преживеаните. На комеморацијата денеска учествува повеќе од 50 поранешни затвореници од Аушвиц-Биркенау и други логори. Беше планирано четворица од нив попладнето да бидат дел од централниот настан и да одржат говори, бидејќи со оглед на нивната поодмината возраст, ова можеби ќе биде една од последните големи церемонии на кои преживеаните можат да учествуваат.
Покрај нив, единствените други кои имаа обраќања беа претседателот на Светскиот еврејски конгрес Роналд С. Лаудер, кој ги претставува главните донатори на споменикот, и историчарот Пјотр Цивињски, директор на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау.
Покрај сведоштвата на преживеаните, во рамките на комеморативниот настан беа предвидени поздравни обраќања, читање молитви и палење свеќи за да се оддаде почит на жртвите на холокаустот.
Веќе три години, од руската инвазија врз Украина, руска делегација не е поканета да присуствува на одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот.
Чувари на сеќавањето
Полскиот претседател Анджеј Дуда, рече дека Полјаците, на чија земја окупирана од нацистичка Германија била изградена оваа индустрија на истребување и овој концентрационен логор, денес се чувари на сеќавањето. Тој потсети дека во германскиот нацистички концентрационен и истребувачки логор Аушвиц-Биркенау биле убиени 1,1 милион луѓе од различни националности, пред сè Евреи, но и Полјаци, Руси и Роми. Тој потсети дека 27 јануари е Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите на холокаустот.
– Како што добро знаеме, концентрационите логори, а пред сè логорите за истребување како Аушвиц-Биркенау, беа изградени за да се спроведе истребувањето на еврејскиот народ. Тоа беше криминалниот план на Адолф Хитлер и на нацистичка Германија за време на Втората светска војна. Меѓу сите оние убиени за време на Холокаустот, повеќе од три милиони беа полски државјани од еврејска националност, кои беа убиени од Германците за време на Втората светска војна. Ги чуваме овие места. Полска се грижи за овие места токму за да не исчезне сеќавањето, за да не избледи, за секогаш да се памети и преку тоа сеќавање светот никогаш повеќе да не дозволи таква драматична човечка катастрофа. Или, поточно кажано, катастрофа на човештвото. Зашто фактот дека претставници на еден народ можеа да нанесат толкава страшна, незамислива штета на други народи е нешто што никогаш порано не се случило, рече Дуда.
На почетокот на церемонијата, Дуда положи венец на Ѕидот на смртта, во придружба на поранешни затвореници. Илјадници затвореници биле стрелани пред овој ѕид од страна на нацистичките војници.
Традиционални посети на Треблинка во чест на македонските Евреи
Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, пак, говорејќи за значењето на одбележувањето на 80 години од ослободувањето на Аушвиц, порача дека свесноста за злото е клучна за да се спречат трагедии од вакви размери.
-Сигурно самиот ден е ден кој означува ослободување, не само на тие повеќе од 7,000 затвореници, туку и ослободување на човештвото. Кога луѓето се свесни за злото, секогаш велат: Никогаш повеќе, рече македонската претседателка.
Сиљановска-Давкова, која присуствуваше на комеморацијата на покана на Европскиот еврејски конгрес, посочи дека бројот на ослободени затвореници од Аушвиц, кој според различни извори се движи меѓу 7.100 и 7.600, е мал во споредба со вкупните жртви на Холокаустот – шест милиони, од кои повеќе од еден милион и двесте илјади во самиот Аушвиц. Таа истакна дека кога ќе се најдеме соочени со она што го сториле луѓе, ќе станеме свесни за ужасите на кои е способно човештвото.
– Она што мене ме загрижува е како дошло до тоа, како е можно да се случи такво нешто, нешто што се нарекува холокауст или како што Евреите сами го нарекуваат – катастрофа. Тоа не е само човечка катастрофа, тоа е катастрофа на човештвото, катастрофа на добрината, катастрофа на моралот, катастрофа на етиката, победа на злото. Се надевам дека извлековме некои поуки 80 години потоа, и дека искажаното „Никогаш повеќе“ ќе биде навистина – никогаш повеќе, рече Сиљановска-Давкова, која се осврна и на трагичната судбина на македонските Евреи, кои завршиле во логорот Треблинка и иницираше да се воспостави традиција на организирани посети на Треблинка.
Таа истакна дека запознавањето со холокаустот мора да биде дел од образованието и општествената свест.
– Не смее да има дете, млад човек или возрасен кој не знае што е холокауст. Меморијата мора да се негува, бидејќи ако не се храни, може да ја снема или да се извитопери, истакна претседателката.
И македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера го одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот. На овој настан, чиј домаќин беше министерот Тимчо Муцунски, информираа од министерството, беше отворена изложба од Јад Вашем – Израел, насловена „Аушвиц – место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“, во присуство на бројни гости, членови на еврејската заедница, дипломатскиот кор и претставници од научно-академската сфера.
Во своето обраќање, министерот Муцунски се осврна на 80-годишнината од ослободувањето на овој злосторнички камп во окупирана Полска, каде што, поради неразумните замисли на некои индивидуи, било спроведувано финалното решение за истребување на Евреите. Муцунски оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи, кои во 1943 година биле присилно депортирани.
Аушвиц-Биркенау стана симбол на геноцидот извршен од нацистичка Германија врз шест милиони европски Евреи, од кои еден милион умреле таму помеѓу 1940 и 1945 година, како и повеќе од 100.000 други националности. Во 1945 година од логорот се ослободени околу седум и пол илјади преживеани затвореници. На 11 март 1943 година, пак, 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип биле депортирани во логорот на смртта Треблинка, што претставува и еден од највисоките проценти на депортирани Евреи во светот. (В.С.Н.)