OpenAI поднесе противтужба против шефот на Одделот за владина ефикасност на САД, Илон Маск, обвинувајќи го за вознемирување и барајќи од федералниот суд да му забрани понатамошни незаконски дејствија против компанијата.
Тужбата е поврзана со судски случај во врска со идната структура на OpenAI, компанија која ги постави темелите за развој на вештачка интелигенција, објави Ројтерс.
Маск и извршниот директор на компанијата Сем Алтман го основаа OpenAI во 2015 година, но Маск ја напушти компанијата пред да стане лидер во технологијата.
Подоцна, Маск ја основа својата компанија xAI во 2023 година и се обиде да спречи OpenAI да се префрли на профитен модел, што доведе до сегашната тужба.
За да обезбеди финансирање од 40 милијарди долари, OpenAI мора да ја заврши својата транзиција кон профитен модел до крајот на годината.
OpenAI тврди во тужбата дека Маск користел медиумски напади, кампањи на социјалните мрежи, барања за корпоративни документи и други правни дејствија за да и наштети на компанијата. Компанијата побара од судот да го спречи Маск од понатамошни напади и да го повика на одговорност за штетата што ја предизвикал.
Минатата година Маск го тужеше OpenAI, обвинувајќи го дека се откажале од својата првична цел за развој на вештачка интелигенција за доброто на човештвото, а не за профит.
Маск се уште не ја коментирал последната тужба на компанијата. OpenAI и Altman ги негираат сите обвинувања и тврдат дека Маск се обидува да го забави развојот на конкуренцијата. Овој судски случај е клучен за транзицијата на OpenAI кон профитен модел, кој е од суштинско значење за прибирање капитал и конкуренција на пазарот на вештачка интелигенција.