Опасни журки – пиротехника, евтина електрика, рефлектори, лесно запаливи сценски платна…!

ОПАСНОСТА ОД ПОЖАРИ ВО НОЌНИТЕ КЛУБОВИ ДЕМНАТ НА СЕКОЈ ЧЕКОР

498
Откако соопшти Владата дека во земјава само 22 објекти за кабаре, ноќен и дискоклуб имале лиценци, младите сведочат дека само во Скопје со месеци и месеци работеле неколку дискотеки во кои масовно се одело и се правеле пополноќни забави сè до трагедијата во Кочани. Музичари за весникот ВЕЧЕР наведуваат дека најчесто незаконски се употребува пиротехниката, но дека постои и ризик за избувнување пожар од евтините и неквалитетни електрични кабли, рефлекторите, платната над главната сцена…

 

Пиротехнички средства често се користеле во дискотеките во земјава, во текот на концертите на музичарите, и тоа во објектите за кои сега се гледа дека воопшто немале лиценци за работа. Но, не се само тие потенцијални предизвикувачи на пожари туку листата со опасни технички средства што се користат при забавите со многу луѓе е многу подолга и ги опфаќа електричните кабли, рефлекторите, нивните носачи, церадите над сцената… Сето ова е најчесто со лош квалитет, но сопствениците на таквите дискотеки ги набавуваат оти се со значително пониски цени од оние што се поиздржливи и огноотпорни. Истовремено со ова, не се ризични само масовните собири на концертите во нелиценцираните објекти туку постои и опасност од употребата на пиротехника и на друга опрема кога се работи за свадбените веселби, родендените…

Владата вчера соопшти дека, по извршените педесетина контроли, се покажало дека во земјава само 22 објекти за кабаре, ноќен и дискоклуб имале лиценци, додека на 15 им биле истечени, а другите воопшто немале. На виделина излезе податокот дека од 13 такви објекти во Скопје, само два имале лиценци со важност за кабаре – „Станица 26“ на улицата „Јордан Мијалков“ и „12:12“ на улицата „Педесетта дивизија“, кои се во непосредна близина. Најмногу лиценци има Охрид. Вкупно пет, па следува Битола со четири, па Куманово со три. Куриозитет е што нема ниту една важечка лиценца во неколку поголеми градови како: Прилеп, Тетово, Струга, Радовиш, Неготино, Гостивар и, се разбира, Кочани. Како што соопшти завчера Владата за оние објекти што се со истечена важност на лиценцата или воопшто ја немаат, Државниот пазарен инспекторат донел забрана за вршење дејност сè додека не се утврдат сите потребни дозволи.

– Во текот на минатата година, со друштвото одевме во ноќните клубови во Градскиот парк и на булеварот „Свети Климент Охридски“, кај Новата железничка станица. Младите масовно одат во овие дискотеки оти работат по полноќ, оти малку ни е забавата до полноќ. Сега сум изненадена дека тие немале дозвола за работа. Како им го дозволувале тоа? На повеќе концерти во Градскиот парк, особено кога доаѓаа пејачи и групи од странство, имаше огномети на сцената. Сега сфаќам колку било опасно тоа. Во една друга дискотека, еднаш видов како се запалија кабелот и звучникот, но брзо го изгаснаа огнот, па забавата продолжи. Како воопшто им дозволувале да работат толку години ако немале дозвола? Во Скопје нема многу такви објекти, лесно можеа да бидат контролирани – ни вели една 20-годишна студентка од Скопје.

Владината портпаролка, Марија Митева, на денешната конференција за печатот, рече дека од завчерашните контроли на 12-те објекти со важечка лиценца, до тој момент било утврдено дека три од нив не ги исполнуваат условите, односно минимум техничките услови, а, сепак, имаат активна лиценца за вршење дејност.

– На трите дискотеки ќе им биде одземена лиценцата и ќе им бидат изречени сите максимални казни. Откако ќе завршат проверките на оние што имаат лиценци, ќе се премине во контрола на сите оние што немаат лиценца, но работеле во минатото – рече Митева.

Полицијата денеска приведе сопственик на ноќен клуб во Куманово, во рамките на контролата на ваквите угостителски објекти.

– Сопственикот на кабарето, Т.В. (58) од Куманово, бил затечен како изнесува противпожарни апарати од своето возило паркирано пред угостителскиот објект и како ги внесува во клубот. Веднаш потоа, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово извршиле контрола во објектот, каде што пронашле и одзеле пиротехнички средства – соопшти полицијата.

Универзитетскиот професор Дејан Трајковски од Битола ни вели дека во случајот на Кочани е очигледно дека се користеле прскалки наменети за употреба на отворен простор, но кои развиваат искри со висока температура од околу 1.000 Целзиусови степени.

– Иако не се забележува на снимките дека искрите го достигнале плафонот, односно нивната температура на таа висина се намалила и се изгаснале, тие, сепак, имале температура од околу 500 степени, што е доволно за палење лесно запаливи материјали. Очигледно е дека во дискотеката не била ангажирана професионална пиротехничка компанија. Поради незнаење, алчност, сиромаштија или нешто друго, веројатно се користени жешки прскалки и се случи катастрофа. Бидејќи во Македонија постојат многу вакви импровизирани објекти каде што се собираат многу луѓе, неопходно е да се донесе закон што ќе наложи задолжителна проверка на објектите, инсталациите и на пиротехниката пред одржувањето каков било собир со повеќе од 50 лица – потенцира професорот Трајковски.

Познат македонски музичар, кој сакаше да остане анонимен, вели за ВЕЧЕР дека постојат бројни опасности насекаде каде што се организираат масовни музички и други настани, поради непридржувањето кон законите и желбата на газдите да не се трошат многу пари за сигурност.

– Факт е дека се користи пиротехника по дискотеките, а колку е опасно тоа, видовме во Кочани. Како нема да биде опасно кога по дискотеките се ставаат покривни платна над сцената, купени за 600 денари во поголемите супермаркети. За прскалките се вели дека одат нагоре 2-2,5 метри, но кој гарантира дека не може да летне некоја и повисоко? Таму се поставуваат и евтини електрични кабли, кои не може да издржат поголемо оптоварување. Не може да замислите колку се опасни и рефлекторите над сцената. Гарантирам дека 80-90 отсто од газдите на вакви дискотеки набавиле поевтини кинески рефлектори, но кои немаат заштита дека нема да предизвикаат пожар откако ќе паднат и ќе се скршат. Ризични се и металните носачи на кои се ставени сите рефлектори, и тие се од поевтините, тенки и има ризик да се урнат од преголемата тежина – наведува овој музичар.

Тој додава дека посебен ризик претставува и пиротехниката што се употребува на свадбите.

– Знам за фирма што губи десетици илјади евра оти не сака да организира свадби на кои домаќините бараат да има пиротехника, оние прскалки што горат кога доаѓаат младенците, кога почнуваат да го играат првиот танц. Некои други фирми без проблем ги прифаќаат таквите барања и им овозможуваат горење на прскалки. Сигурен сум дека најчесто тоа е без дозвола на полицијата, а каков ризик има да се запали шаторското платно над гостите, не треба да се зборува – наведува овој музичар за весникот ВЕЧЕР.

Во Владата вчера најавија дека контролите по кабареата, дискотеките и ноќните клубови ќе продолжат и денеска. (Б. Ѓ.)

Газдите на диви дискотеки го растргнуваат ентериерот за да нема докази дека работеле

Портпаролката Митева денеска одговори и на новинарско прашања околу газдите на некои диви дискотеки кои, според сознанијата, го растргнуваат ентериерот за да нема докази дека работеле.

– Сите ќе бидат проверени. Дури и оние што немале лиценца, а вршеле работа и оние што имале и ја извршувале. Направен е и план за нивна проверка – рече Митева.

 

ИЗДВОЕНИ