Еден од најстарите објекти во Општина Крива Паланка, ООУ „Свети Јоаким Крчовски“ – зграда „Партизан“, ќе добие енергетски ефикасна фасада, а ќе биде обновен и спортскиот терен на училиштето со тартан подлога.
– Инвестираме 7.000.000 денари за реконструкција и обнова на фасадата со нова енергетски ефикасна фасада и обнова на спортскиот терен во дворот на училиштето. Учениците добиваат современ терен за спортување со тартан подлога и заштитна ограда. Ова е еден од најстарите училишни објекти во градот, изграден во 20-тите години на минатиот век, кој наскоро ќе добие нов, модерен лик. Спортскиот терен, кој е и препознатливо маалско катче за спорт и рекреација, се користи во текот на наставата, од учениците и од наставниците, но и од сите млади во градот. Со неговата обнова, ќе донесеме нова радост и за учениците, за младите, за спортистите и за спортските клубови од нашиот град – изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Тој најави дека деновиве, во Општината, ќе започнат со реализација уште два проекти за уредување локации, каде што ќе се креираат урбани паркови, ќе бидат уредени нови спортски терени за младите, како и детско катче за најмладите жители.