ООУ „Кочо Рацин“ доби реконструирана и модерна фискултурна сала  

70

Учебната година во ООУ „Кочо Рацин“ започна со целосно реконструирана и модерна  фискултурна сала.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски истакна дека реконструкцијата е изведена според најсовремените стандарди.

-Горд сум што оваа значајна инвестиција во спортската инфраструктура се реализира во мојот мандат. Ова е прва целосна реконструкција на училиштната  спортска сала по цели 80 години – изјави Герасимовски, кој ја искористи можноста да одигра партија баскет со учениците.

Реконструираната сала, со површина од 800 метри квадратни, доби нов висококвалитетен паркет, дополнително осветлување, израмнети и варосани ѕидови . Дел од старите спортски реквизити се обновени, а поставени се и нови кошеви.

Целосната реконструкција на спортската сала е финансирана од општинскиот буџет, во износ од пет милиони денари.

Покрај оваа инвестиција, во завршна фаза е изградбата на пристапна рампа на влезот од училиштето и четири тоалети за деца со телесна попреченост, финансирани од Светска банка.

Следната недела се очекува да биде завршено реновирањето на четири кабинети за физика, хемија, музичко/ликовно и германски јазик, каде што се реконструираат подовите, електричната и водоводната инсталација, плафонот и ѕидовите. Овој проект, во вредност од 65.000 евра е финансиран од Министерството за образование и наука.

Дополнително, монтирани се две смарт табли, обезбедени од општинскиот буџет.

-Во тек е и  реконструкција на четири помошни простории, четири тоалети, ходници и безбедносна ограда на постојните скали. Со средства собрани од училишните базари се обновува и надворешната фасада на стариот дел од училиштето – соопштија од Општина Центар.

Герасимовски најави дека нема да запрат тука и оти ќе продолжат со унапредување и модернизирање на образовниот процес во сите центарски училишта.

(А.П.)