ОНЛАЈН ПРЕДАТОР: Се претставувал како познат јутјубер и сексуално уценувал стотици девојки

160

Предатор кој се претставувал како познат Јутјубер и уценувал стотици девојки ширум светот да вршат сексуални дејствија пред камера, е осуден на 17 години затвор во Австралија.

Мухамед Заин Ул Абиден Рашид се изјаснил за виновен по 119 обвиненија, во кои се вклучени 286 лица од 20 земји, вклучувајќи ги Велика Британија, САД, Јапонија и Франција. Две третини од неговите жртви биле помлади од 16 години, пишува БиБиСи.

29-годишникот ги принудувал девојките да снимаат што поексплицитни видеа, заканувајќи им се дека ќе испраќа пораки и разголени фотографии до нивните семејства и пријатели. Прво, тој се преправал дека е 15-годишен американски јутјубер и на тој начин контактирал со жртвите. Потоа почнал да им раскажува за сексуални фантазии, на кои жртвите испраќале експлицитни фотографии и видеа.

Рашид потоа се заканувал дека ќе ги испрати нивните видеа на пријателите и семејството доколку не извршат низа понижувачки сексуални дејствија – кои понекогаш вклучувале домашни миленици или други деца во нивниот дом.

Австралиските власти велат дека тоа е еден од најлошите случаи на сексуална изнуда во историјата. Судијката Аманда Бароус вчера при изрекувањето на казната изјави дека во земјата немало споредлив случај.

29-годишникот бил обвинет во 2020 година и е фатен откако австралиските власти контактирале со Интерпол и американските истражители. Рашид веќе отслужува петгодишна затворска казна за двоен сексуален напад врз 14-годишно девојче во неговиот автомобил.