Народниот правобранител Насер Зибери е загрижен за состојбата со животната средина во земјава. Тој вели дека нехуманата градежна експанзија, интензивното користење на минералните суровини, дивите депонии, горењето на насобраниот отпад од нив, неизградбата на регионалните депонии и соодветно собирање, транспортирање и третирање на отпадот, како и преголемото испуштање на штетните гасови во воздухот, веќе ни ја испорачаа сметката.

– Жителите на Скопје дишат воздух во кој загаденоста е поголема неколку пати од дозволеното. Во слични околности живеат и жителите на Тетово, Струмица, Кочани и други градови. Нашите градови се на топ-листата на десет најзагадени градови во светот… Истражување на УНИЦЕФ покажа катастрофални резултати – дека секое десетто новородено дете во нашата земја како последица на смртта ја има нечистата животна средина – рече народниот правобранител.

До неговата канцеларија оваа година, а заклучно со октомври, се пристигнати четириесетина претставки од областа на животната средина од кои, половината се за квалитетот на воздухот, а другите се за загадениот воздух.

Тој посочи на предизвиците со кои човештвото се соочува во последните децении, а тоа се зачестените природни непогоди: поплави, торнада и урагани, ефектите на т.н. стаклена градина, екстремните температури…

– Природата жестоко го враќа ударот. Затоа мора да се најде баланс меѓу развојот и еколошката правда која е императив во овој век, затоа што ако не се преземат соодветни мерки за климатските промени, тие ќе значат колективно умирање – истакна Зибери и посочи дека најголемите загадувачи на светот не ги потпишале глобалните документи за заштита на екологијата.

Повикувајќи се одлуката на Врховниот суд, Зибери истакна дека тоа охрабрува дека работите ќе тргнат на подобро, затоа што тој начелен став ја обврзува државата да обезбеди здрава животна средина како една од гаранциите на нашиот Устав кон секој поединец.

– Половина од општините во земјава немаат ниту еден инспектор за животна средина. Тогаш за каква грижа може да зборуваме – рече Зибери и апелираше да се донесе нов закон за заштита на животната средина зашто актуелниот е од 2006 година, имал 24 пати измени, оттогаш повеќе не е соодветна рамка за справување со овој проблем.

Постојаниот претставник на УНПД во Македонија, Армен Григорјан, посочи дека во Западен Балкан околу 30 проценти од сите поплаки кон правобранителските канцеларии вклучуваат еколошки прашања.

– Во некои земји сега е правно прифатливо докторите да може да пропишуваат да се поминува време во природа и дека на тоа се гледа како на лек. Ова кажува колку е важно да се заштитува природата. Тоа е и поширока заложба на УНДП во целиот регион – ефикасни одговори на еколошките неправди – рече Григорјан.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити истакна дека ситуацијата со загадувањето ја следи земјава веќе подолго време.

– Ова не го констатирам за да избегнам одговорност. Напротив, ова е заеднички проблем и ние, како држава, мора да се соочиме со реалноста – или ќе плаќаме казни и тие пари ќе ги насочиме кон инвестиции и решавање на причините, а не да се занимаваме со последиците – истакна Меџити.

Истражувањата покажуваат дека во урбаните средини домаќинствата користат се и сешто за греење, не од што сакаат туку затоа што немаат избор. Меџити најави дека со „зелен фонд“ на Владата и од Министерството за животна средина ќе се субвенционира зголемувањето на бројот на домаќинства што ќе се греат на топлинска енергија во урбаните средини. Тоа, според министерот Меџити, е почиста варијанта од гасификацијата.

– Ова се конкретни покрупни проекти. Најверојатно се размислува и термоелектраните кои се на јаглен да се затворат и до 2030 да се заменат со гасни централи и нови системи кои ќе придонесат за подобра животна средина. Проблемот не е нерешлив ско се работи на причините и со соодветни проекти – рече Меџити.

Тој го спомна и загадувањето од сообраќајот и рече дека „поради недобра комуникација со Град Скопје“ доцни реализирањето на донација од шест електрични автобуси од Европската Унија.

Меџити се осврна и на проблемот со отпадот и потсети дека во завршна фаза е депонијата кај Свети Николе, а се работи и за депонијата за Пелагонија за која, како што рече, се предвидени 26 милиони евра од ЕБОР.

СДСМ: Загаден е воздухот во сите градови, а ДПМНЕ го намали буџетот за 51%

Последните податоци покажуваат дека во Скопје на сите мерни места загаденоста на воздухот е голема, присуството на ПМ-10 честичките се двојно и тројно зголемени. Не само во Скопје, високи концентрации на ПМ10 честички се регистрирани и во другите градови, Битола, Кичево, Кавадарци, Куманово, Охрид, Гостивар.

– Аерозагадувањето е високо, граѓаните се задушуваат, а ниту власта на ДПМНЕ ниту градоначалниците од оваа партија не преземаат некакви мерки. Дополнително, во Буџетот 2025 власта ги намали парите за чист воздух за 51%, парите за заштита на животната средина се намалени за цели 25%, а парите за развој на енергетиката се намалени за 41% – велат од СДСМ.

Оттаму потсетуваат дека со мерките на СДСМ и Планот за чист воздух, којшто е прв стратешки документ на некоја влада досега во борбата со аерозагадувањето, започна тренд на постепено намалување на загадувањето.

– Со Планот се направи промена на нееколошкиот начин на загревање на градинките, училиштата, јавните објекти и се презедоа сет на повеќе мерки. Со тоа започна на годишно ниво да има намалување на штетните честички ПМ 2,5 во воздухот за 564 килограми, како и намалување на честичките МП 10 за 735 килограми годишно – велат од СДСМ.

(С.Бл.) – Ѕ.П.

ИЗДВОЕНИ