EPA/ARMANDO BABANI

Канадскиот натпреварувач во коњички спортови и олимпискиот шампион од 2008 година, Ерик Ламаз (56), е суспендиран до 2031 година откако му беше изречена втората четиригодишна забрана за допинг, објави Меѓународната коњичка федерација (ФЕИ). Тој беше казнет од Судот за спортска арбитража (ЦАС) поради избегнување на допинг-контролите во Холандија, во 2021 година. Новата казна нема да стапи на сила сè додека не истече претходната четиригодишна суспензија, во септември 2027 година.

  • Во текот на процесот на ЦАС, г. Ламаз достави фалсификувани медицински документи, што доведе до суспензија од четири години – соопшти ФЕИ, додавајќи дека Ламаз ќе мора да плати 27.000 швајцарски франци, покрај трошоците за арбитражната постапка.

Ламаз го освои олимпиското злато во поединечна дисциплина во јавање со пречки во Пекинг, во 2008 година, додека среброто го освои во екипна дисциплина. Осум години подоцна, на Олимпијадата во Рио, ја освои бронзата во поединечна конкуренција.

На Олимписките игри учествуваше три пати, но поради позитивни тестови на кокаин, ги пропушти натпреварите во Атланта, во 1996 година, и во Сиднеј, во 2000 година.

Пред три години, беше назначен за технички советник и предводник на канадскиот национален тим во јавање со пречки.

ИЗДВОЕНИ