Двократниот олимписки шампион и светски рекордер на 1.500 метри, Норвежанецот Јакоб Ингебритсен сведочеше пред судот во Санднес на судскиот процес против својот татко и поранешен тренер Ѓерт Ингебритсен, кој се соочува со обвиненија за физичко и психичко злоупотребување. Јакоб во своето сведочење опиша детство обележано со страв и манипулации.
- Пораснав во страв. Сè ми беше однапред одредено и се чувствував како да немам збор, изјави 24-годишниот спортист пред судот.
Ѓерт Ингебритсен, кој ги тренираше Јакоб и неговите браќа Филип и Хенрик до 2022 година, е обвинет за долгогодишно злоставување, вклучувајќи наводни физички напади врз Јакоб и неговата помлада сестра Ингрид.
Според обвинението, инцидентите се случиле во периодот од 2008 до 2022 година и вклучувале тупаници, шлаканици и вербални закани. За време на неговото сведочење, Јакоб наведе конкретни случаи на насилство, вклучително и ситуација во детството кога неговиот татко го удрил откако добил негативни повратни информации од училиштето.
- Не знам точно колку пати ме удри, но додека седев таму, ми изгледаше како навистина долго време. Некаде помеѓу 10 и 20 пати, а јас само се обидував да се заштитам, се сеќава тој на една од случките.
Запрашан зошто престанал да го нарекува татко му „тато“ кога имал околу 11 години, Јакоб рече: „Веќе не ја гледав таа личност како татко. Мислев дека работите што ги кажа, работите што ги правеше и правеше не беа достојни за татко“.
Од друга страна, Ѓерт Ингебритсен тврди дека обвинувањата се неосновани и дека правилата што важеле во семејството се резултат на високите стандарди потребни за постигнување врвни спортски резултати. Неговата адвокатка Хајди Реисванг истакна дека документарната серија „Team Ingebrigtsen“, која го следела семејството во текот на пет години, не покажала докази за злоупотреба.
Јакоб, кој минатиот викенд се врати од Кина со два златни медали од Светското првенство во сала, нагласи дека му било тешко да зборува за овие искуства, но дека тоа го прави за вистината да излезе на виделина.
Судењето ќе трае до 16 мај, а на Ѓерт му се заканува казна затвор до шест години доколку биде прогласен за виновен. Следниот сведок ќе биде сестрата на Јакоб, Ингрид, која ќе ги сподели сопствените искуства за нејзиниот татко како авторитарен и агресивен родител.
Овој случај привлече големо внимание на јавноста во Норвешка и пошироко, бидејќи семејството Ингебритсен ужива статус на национални спортски икони. Интересот за судењето беше толку голем што сведочењето на Ингебритсен го следеа во живо речиси 200.000 луѓе на социјалните мрежи.