Процедурата за префрлање на средствата од заемот од унгарската Експорт-импорт банка е завршена и легнуваат на сметката на Народната банка, а веќе денеска ќе се трансферираат во Буџетот, а потоа ќе бидат насочени кон општините и компаниите, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Проектите на општините кои ќе бидат финансирани од средствата се веќе избрани. По извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата одлучи оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна вредност од нешто над четири милијарди денари (околу 65 милиони евра)

Процедурата за префрлање на средствата од заемот од унгарската Експорт-импорт банка е завршена и легнуваат на сметката на Народната банка, а веќе денеска ќе се трансферираат во Буџетот, а потоа ќе бидат насочени кон општините и компаниите, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во телевизиско гостување.

Проектите на општините кои ќе бидат финансирани од средствата се веќе избрани. По извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата одлучи оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна вредност од нешто над четири милијарди денари (околу 65 милиони евра).

– Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните – известија од Владата.

Фазата на евалуација не ја поминаа само четири општини: Струмица, Град Скопје, Теарце и Сарај.

– Износот што го побараа општините за реализација на нивните проекти беше поголем, при што важно беше тие да бидат во завршна фаза за да може да придонесат и кон економскиот развој – рече министерката.

Во однос на оној дел од заемот којшто е планиран за приватните компании, министерката Димитриеска-Кочоска соопшти дека во петок ќе има средба со Македонската банкарска асоцијација на која ќе се разговара и за средствата кон компаниите што ќе бидат распределени по завршување на постапката за нивно префрлање во Развојната банка.

Министерката најави дека веќе е започната процедурата за повлекување и на втората транша од заемот од Унгарија, а тие средства ќе се искористат за отплата на еврообврзницата која доспева во јанаури 2025 година.

За Предлог-буџетот за 2025 година истакна дека фокусот ќе биде ставен на фискалната консолидација, поточно зголемување на приходите и намалување на расходите.

– Следната година буџетскиот дефицит е планиран на 4%, а потоа да се намали на 3,5% и во 2027 година да достигне 3%. Она што беше главна определба или ветување на Владата е предвидено со Буџетот за 2025 година, а тоа е пораст на пензиите за 2.500 денари, средства за образовниот сектор, потоа 250 милиони евра за проекти во општините, средства за инфраструктурни проекти, за коридорите 8 и 10д и слично – истакна Димитриеска-Кочоска.

Таа потсети и на резултатите од работењето на Управата за јавни приходи и на Царинската управа и притоа напомена дека повратот на ДДВ кон компаниите се врши континуирано, па така во септември е извршен поврат во износ од 2,250 милијарди денари, во август 2,116 милијарди денари и во јули 1,740 милијарди денари.

(С.Бл.)