Околу 50 дечиња во Штип чекаат упис во градинка

45

Околу 50 дечиња се на листата за чекање за упис во штипските детски градинки. Раководителката на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева, изјави дека ова се должи на малите капацитети на детските градинки, но и на недостигот на кадар. Над 40 работни места се испразнети во детските градинки по основ на пензионирање, а веќе две и пол години не се вработува ниту наставен ниту технички кадар.

– Општината, во иднина, планира проширување на капацитетите, да се изгради нова детска градинка и, секако, се надеваме дека Министерството ќе излезе во пресрет и ќе ги даде потребните дозволи за прием на нов кадар, кој ќе работи со дечињата. Мораме да нагласиме, во последните две и пол години, не беше дадена ниту една согласност за вработување на неопходен кадар во градинките, покрај тоа што голем дел од вработените заминуваат во пензија, а местата не се пополнуваат. Така што директорите имаат проблеми да менаџираат со постојниот кадар – вели Санева.

Таа забележува дека законската регулатива не дозволува формирање поголеми групи кај помалите дечиња.

– Децата до една година можат да бидат во група од шест до осум дечиња. Дечињата што се над петгодишна возраст, можат да бидат во групи од 20 деца, меѓутоа малите бараат посебни услови и креветчиња, каде што ќе бидат сместени. Апсолутно, немоќни сме да направиме нешто повеќе тука и да го зголемиме бројот – вели Санева.

Општина Штип, пред извесно време, преадаптираше дел од училниците во подрачното училиште во приградската населба Три Чешми за згрижување дечиња од предучилишна возраст, но сè уште не се добиените дозволи за пуштање на овој капацитет.

Санева вели се надеваат дека до септември ќе бидат завршени сите работи.