Потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ над Детската клиника, чиј дел се урна на 10 јуни 2024 година, и натаму претставува опасност за возачите и за пешаците што минуваат оттаму. Никој од надлежните, во изминативе осум месеци, не презеде ништо за да се санира состојбата. На овој комплексен проблем, на социјалните мрежи, потсетува и токсикологот, доктор Нико Беќаровски.
– Секој ден стотици коли влегуваат и излегуваат од клиниките преку оваа улица и се сведоци дека таа полека, но сигурно се распаѓа и прашање на ден е кога следниот поголем пороен дожд комплетно ќе го урне преостанатиот асфалт – реагира Беќаровски. Од ЦУК потврдија за весникот ВЕЧЕР дека засега нема никакви повратни информации од надлежните институции, иако, како што велат, кај жителите од околните куќи постои стравување дека од подземните води може да им настрадаат домовите, заедно со улицата
Потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ над Детската клиника, чиј дел се урна на 10 јуни 2024 година, и натаму претставува опасност за возачите и за пешаците што минуваат оттаму. Никој од надлежните не презеде ништо во изминативе осум месеци за да се санира состојбата. На овој комплексен проблем, на социјалните мрежи, потсетува и токсикологот, доктор Нико Беќаровски.
– Секој ден, стотици коли влегуваат и излегуваат од клиниките преку оваа улица и се сведоци дека таа полека, но сигурно се распаѓа и прашање на ден е кога следниот поголем пороен дожд комплетно ќе го урне преостанатиот асфалт – реагира Беќаровски.
Тој додава дека и по 300 дена, сè уште не се знае кој е надлежен и чија обврска е реконструкцијата на оваа улица.
– Ако нема надлежен во градов и во државава, да го викнеме господинот Александар Вучиќ, можеби поради името на улицата ќе се смилува да ја реконструира пред да биде предоцна – истакна Беќаровски.
Иако на координативната средба, која се одржа во Центарот за управување со кризи и на која присуствуваа надлежните институции, кои претходно се иззедоа од одговорноста за санирање на потпорниот ѕид, беа одделно утврдени нивните обврски, но до денес никој од нив, очигледно, не си ја исполнил сопствената.
Од ЦУК потврдија за весникот ВЕЧЕР дека засега нема никакви повратни информации од надлежните институции, иако, како што велат оттаму, постои стравување кај жителите од околните куќи дека од подземните води може да им настрадаат домовите, заедно со улицата.
И директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во јуни, кога се урна дел од потпорниот ѕид, објасни дека опасноста е комплексна, затоа што улицата „Белградска“ го разграничува Клиничкиот центар од куќите што се над неа.
– Под улицата постои систем од шахти и подземни канали чија сопственост не можеме да ја утврдиме. Тие се во многу лоша кондиција. Не ја собираат подземната вода што доаѓа од падините на Водно и избива во самиот ѕид, со што дополнително ја нарушува стабилноста на ѕидот, но и на улицата. Тука се движат возила во двата правци, но таа е тесна и едвај се разминуваат. Во некое најлошо сценарио, ќе дојде до рушење на ѕидот, но и на улицата – констатираше Ангелов, повторувајќи дека е потребна итна координација на надлежните институции.
Како што изјави Ангелов тогаш, пријава за лошата состојба на ѕидот имало уште во ноември 2022 година.
На координативната средба на тема „Загрозување на животот и здравјето на луѓето и материјалните добра од подземните води, одрон и рушење на потпорнооградниот ѕид на улицата ‘Белградска’ кај Клиниката за детски болести“, која се одржа во ЦУК, присуствуваа сите поканети претставници од Министерството за здравство, Градот Скопје, Општината Центар, Инспекцискиот совет, Министерството за внатрешни работи. Беа присутни и вработени во Центарот – државниот советник Драги Тарчуговски и колеги од Секторот за операции и координација на ЦУК, кои непосредно беа ангажирани за конкретната проблематика, за координација за решавање на опасноста.
На средбата тогаш беа донесени неколку заклучоци, меѓу кои: Министерството за здравство, согласно со решението и заклучокот од градежниот инспектор на Општина Центар, да започне со изградба на ограден – потпорен ѕид како привремено решение, а Град Скопје да изработи динамика и да започне со активности за изработка на нов сообраќаен проект во координација со СВР – Скопје, со што би се редуцирало движењето на тешките товарни возила.
Воедно, Град Скопје беше задолжен да пристапи кон пресадување на дрвјата на трасата на улицата „Белградска“, истовремено, при активностите за изградба на потпорниот ограден ѕид од страна на Министерството за здравство.
– Што се однесува до трајното долгорочно решавање на проблемот, Град Скопје треба, во координација со другите надлежни институции, да изготви нова хидролошка студија и студија за заштита на подземните води на падините на Водно, врз основа на што би се презеле трајни мерки за изградба на нова улица со потребната каналска мрежа и нејзино асфалтирање – појаснија тогаш од ЦУК.
(А. П.) – Фото: Ѕвонко Плавевски