Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.
Постапувајќи по поднесени кривични пријави од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција, беа преземени повеќе дејствија и oд прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа “Државна лотарија” на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, со цел притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
Останатите четворица се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови. По спроведените постапки изготвиле извештаи со кои констатирале дека четири понудувачи ги исполнуваат условите за склучување на Договори за заедничко вложување, иако наведените понудувачи не ги исполнувале законските услови односно не биле приредувачи на игри на среќа. За четворицата осомничени од комисијата во “Државната лотарија”, надлежниот јавен обвинител до Судот ќе поднесе предлог за определување мерки на претпазливост.