ОЈО: Се вршат дејствија за прибирање траги за понатамошно вештачење по увидот на лице место по вчерашната оружена престрелка на Бит Пазар

34

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на лице место по вчерашната оружена престрелка кај Бит Пазар, соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Од обвинителството информираат дека на лице место се прибрани траги кои ќе бидат предмет на понатамошно вештачење, со цел да се расветлат сите околности околу настанот.

„По наредба на јавен обвинител, се обезбедуваат снимки од видео надзор од околните објекти, а издадени се сите потребни наредби и насоки за идентификација на инволвираните лица и целосно расчистување на настанот“, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.

Врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција, со цел прецизно да се утврдат причините за смртта.

Инаку, според досега познатите информации, пукањето се случило попладне на само неколку метри од Полициската станица во Бит Пазар. А.С. бил итно пренесен во Клиничкиот центар во Скопје со тешки прострелни рани на главата, градите и други делови од телото, но, и покрај лекарските напори, им подлегнал на повредите во операционата сала.

Основното јавно обвинителство Скопје најавува дека интензивно ќе продолжи со сите неопходни активности за целосно расчистување на случајот.

ИЗДВОЕНИ